18.05.2022

Искусната кошаркарка на екипата од Македонска Каменица погоди тројка за победа (74:73) и меч број 4 во финалето

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ – ПЛЕЈ-ОФ ФИНАЛЕ: Алексиќ го одбрани шампионот, Бадел 1862 „потроши“ една меч-топка за титула! (ФОТО)

Ќе се игра и четвртти натпревар во финалната серија од плеј-офот во Првата лига-жени. Главен виновник за тоа е Снежана Алексиќ!

Искусниот бек на екипата на Баскет Кам 2011 погоди тројка кога беше најпотребно, на истекот на последните секунди од продолжението, да му го донесе на својот тим првиот поен во финалето во кое ја бранат шампионската титула.

БАДЕЛ 1862 – БАСКЕТ КАМ 2011        73:74 (2-1)

Уште во раната фаза од третиот финален натпревар од Плеј-офот во женска конкуренција, „баделки“ го натераа тренерот на противничката екипа Јордан Цветановски да побара „тајм-аут“.

Јасно и зошто, по нецели две минути игра, Бадел 1862 поведе со (8-0)...

Но бранителот на титулата брз се врати во натпреварот. По заслуга на Јелена Антиќ. Искусното крило се врати во екипата од Македонска Каменица, и со две тројки по ред, донесе пресврт и во играта и во резултатот.

Набрзина Баскет Кам 2011 го сврте резултатот во своја корист, поведоа гостинките со (21:15), за првата четвртина да ја затворат со три поени помала предност (21:18).

Во продолжението, имаа и позитива од пет поени (26:21), но Бадел 1862 се врати во игра со серија од (7-2) за нерешен скор (28:28).

Во „режија“ на Трајчевска, која заедно со Стојановска и Кметовска дадоа 27. од 30. поени за домашната екипа во тие 18.минути.

По 12. поен на Антиќ на спротивната страна, следуваше нов нерешен резултат (30:30), а буквално во последната секунда, Кметовска со својот 12. поен, донесе минимално водство за „предизвикувачот“ во серијата кој веќе е два чекори пред актуелниот шампион - (34:33).

Слично се одвиваа работите и во второто полувреме. „Баделки“ имаа предност, но не поголема од три поени, како што беше и по неверојатната тројка на Стојановска со истек на третата четвртина (54:51).

А тој резултат остана непроменет скоро половина од времето од последната четвртина. Гостинките дадоа седум поени по ред, за пресврт (58:54). Но не ја задржаа долго предноста. Со четири поени, Димитријевиќ го врати водството на домашната страна (61:58), Стојановска го оддржа на (63:60).

Но тука „се појави“ Алексиќ, на нецели четири секудни пред крајот погоди за израмнување (63:63) и вовед во дополнителни пет минути од финалето број 3.

И во нив, предизвикувачот имаше добитна комбинација – водство од (68:63). Но, не и доволно за победа и титула. Имаа и (72:68) на 1:24 миути пред крајот. Но, прво Тасевска, потоа и Антиќ ја оставија Алексиќ да решава. А таа знаеше како да ги одигра тие секунди на одлука. Нејзината тројка за промена на резучтатот (74:73), и нецели осум секунди за девојките во „сино-жолта“ комбинација.

Но обидот на нивната најдобра кошакарка на натпреварот, Александра Стојановска, заврши на обрачот, а не во кошот на првакот, кој има нова шанса за „поправен“, за некој ден, на свој терен во Македонска Каменица.