Најдобриот тим по основниот дел од сезоната, екипата на Бадел 1862, славеше убедлив триумф во првиот натпревар од финалната серија во женскиот Плеј-оф против актуелниот бранител на шампионскиот пехар, Баскет Кам 2011.
БАДЕЛ 1862 – БАСКЕТ КАМ 2011 73:56
Бадел 1862 беше подобар ривал во текот на целиот натпревар. Но отпорот на противникот, домашната екипа го „скрши“ во третата и почетокот од последната четвртина кога поведе со 17 поени разлика (57:40).
Мали проблеми за „баделки“ дојдоа кога Нена Трајчевска поради пет лични грешки мораше да го напушти теренот. Гостинките од Македонска Каменица подоцна се доближија на достижни (53:60), но немаа сили да направат пресврт.
Се во играта на Бадел 1862 на премиерниот меч од финалето се вртеше околу репрезентативното трио Кметовска-Стојановска-Трајчевска кое постигна 55, од вкупно 73. поени.
Во гостинската екипа со 12 поени, Тасевска беше најефикасна кошаркарка, а вториот меч од серијата се игра во недела (15.часот) во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.