12.05.2022

Вечерва (20.часот), почеток на финалната серија во плеј-офот: Баскет КАМ 2011 по втор, или Бадел 1862 по шестти пат?

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ – ПЛЕЈ-ОФ ФИНАЛЕ: За разлика од лани, Бадел 1862 има поголеми шанси за титулата

ФОТО: Баскет Кам 2011 го одбрани пехарот во Купот, од денеска го брани и шампионскиот

Купот одамна помина, четвртфиналните и полуфиналните серии се веќе зад нас, на ред дојде и финалната серија на плеј-офот во женска конкуренција. Серија, која се игра според системот „подобар во пет “ натпревари, всушност ќе биде реприза на финалето играно во ланската натпреварувачка сезона.

И во битката за шампионскиот трофеј вечерва од 20.часот (директен пренос на МРТ) во салата „Независна Македонија“ во Скопје, ќе тргнат екипите на Бадел 1862 и на Баскет КАМ 2011.

Девојките од Македонска Каменица го освоија куп-пехарот, сега ќе атакуваат и на оној, поважниот, шампионскиот.

За разлика од ланската серија, се чини дека во оваа не важат за фаворити со оглед на оние случувања во изминатиот период. Втората позиција на табелата во регуларниот дел во кој „баделки“ имаа подобар скор и прва стартна позиција која им носи предност на играње на домашен терен во евентуално петтиот натпревар од финалето.

ФОТО: Традицијата во финалните пресметки во женскиот сегмент е на страната на Бадел 1862

Но се смета на традицијата, и тука екипата која настапува во Кисела Вода, има голема предност.

Ова е впрочем, само второ појавување на Баскет КАМ 2011 во големото финале кое го дава шампионот во женска конкуренција.

Од друга страна зад Бадел 1862 пет освоени, по ред, титули во периодот од 2013 до 2018 година, и настап во последните финални серии, кои навистина ги загубија (од Вардар и токму Баскет КАМ 2011).

Освен тоа, Бадел 1862 ќе ја има и почетната предност која ја носи играњето на домашен терен. Добија две од трите одиграни средби во регуларниот дел, но противникот го доби оној најважниот во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.

Првиот меч од серијата се игра вечерва, со почеток од 20.часот, во салата „Независна Македонија “ во Скопје. Судиската тројка ја чинат: Мијалковски-Јакимовски-Богески, а во улога на делегат е Цветковиќ.

 

Поглед низ историјата

Ова ќе биде вкупно 29.финална серија од плеј-офот од постоењето на македонската клупска кошарка во женска конкуренција. Прв освојувач на шампионската титула, во сезоната 1992/1993, е екипата на Иноспектар Студент.

*Екипата на Вигор Скопје пак е најтрофејната. Под тоа име „вигорки“ осум пати му се радувале на шампионскиот пехар, и уште пет под името Бадел 1862.

*Четири пати шампион на Македонија во оваа конкуренција била екипата на Кимико од Струга (2002 до 2006 година). Во два наврати шампионските одличја ги добиле кошаркарките на Тиквеш (Флорида, Балкан) во сезоните 1993/94 односно 2001/2002,

*Свое место во историјата на женската кошарка, како шампиони, има и за: Агроопрема, Водњански Лисици, Младинец Изградба комерц, Кросиг и скопски Вардар, од лани и Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица кој е и последниот освојувач на шампионската титула.      

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ФИНАЛНАТА СЕРИЈА

12.МАЈ: Бадел 1862 – Баскет КАМ 2011

15. МАЈ: Баскет КАМ 2011 – Бадел 1862

18. МАЈ: Бадел 1862 – Баскет КАМ 2011

21.МАЈ: Баскет КАМ 2011 – Бадел 1862 (ако биде потребно)

25.МАЈ: Бадел 1862 – Баскет КАМ 2011 (ако биде потребно)

 

ЛИСТА НА ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНИ – ЖЕНИ

СЕЗОНА 1992/93: Иноспектар Студент – Симекс Скопје            3:0

СЕЗОНА 1993/94: Тиквеш Флорида – Студент       6:4 (серијата стартува со водство од 3-1 за Тиквеш Флорида)

СЕЗОНА 1994/95: Студент – Тиквеш Флорида       3:0

СЕЗОНА 1995/96: Агроопрема – Студент    3:0

СЕЗОНА 1996/97: Студент – Кочани  3:0

СЕЗОНА 1997/98: Вигор Скопје – Тиквеш-Кавадарци     3:1

СЕЗОНА 1998/99: Вигор Скопје – Профитнес Вест-Охрид         3:1

СЕЗОНА 1999/2000: Вигор Босс Скопје – Водњански Лисици-Скопје           3:2

СЕЗОНА 2000/2001: Водњански Лисици – Скопје – Вардар     3:1

СЕЗОНА 2001/2002: Тиквеш Балкан – Куманово  3:0

СЕЗОНА 2002/2003: Кимико-Струга – Профитнес-Охрид          3:1

СЕЗОНА 2003/2004: Кимико-Струга – Вигор Скопје        3:1

СЕЗОНА 2004/2005: Кимико-Струга – Вигор Скопје        3:0

СЕЗОНА 2005/2006: Кимико – Струга – Вигор Скопје      3:1

СЕЗОНА 2006/2007: Вигор Скопје – Билјана 006–Охрид           2:1

СЕЗОНА 2007/2008: Вигор Скопје – Младинец-Скопје  3:1

СЕЗОНА 2008/2009: Вигор Скопје – Билјана-Охрид        3:0

СЕЗОНА 2009/2010: Младинец – Вигор Скопје     3:1

СЕЗОНА 2010/2011: Вигор Скопје – Клубски          3:0

СЕЗОНА 2011/2012: Вигор Скопје - Бадел Кросиг-Скопје       3:0

СЕЗОНА 2012/2013: Кросиг-Скопје - Вигор Скопје           2:1

СЕЗОНА 2013/2014: Бадел 1862 – Работнички      3:0

СЕЗОНА 2014/2015: Бадел 1862 – МНА Кожувчанка      3:0

СЕЗОНА 2015/2016: Бадел 1862 – Клупски 3:0

СЕЗОНА 2016/2017: Бадел 1862 – Вардар  3:0

СЕЗОНА 2017/2018: Бадел 1862 – Вардар  3:0

СЕЗОНА 2018/2019: Вардар – Бадел 1862  3:0

СЕЗОНА 2019/2020: без шампион

СЕЗОНА 2020/2021: Баскет Кам 2011 – Бадел 1862        3:1

СЕЗОНА 2021/2022: ???