15.05.2024

Денеска (16.30.часот), во Македонска Каменица, почеток на финалната серија на плеј-офот во женска конкуренција

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ – ПЛЕЈ-ОФ: Почнува големото финале, Вардар го предизвикува Баскет кам

Купот одамна помина, четвртфиналните и полуфиналните серии се веќе зад нас, на ред дојде и финалната серија на плеј-офот во женска конкуренција.

По прв пат во серија еден против друг во битката за шампионскиот пехар ќе излезат екипите на Баскет кам 2011 и Вардар.

Серија, која се игра според системот „подобар во пет “ натпревари

Денеска попладне, од 16.30.часот, во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, ќе тргнат двете најдобри екипи од регуларниот дел на сезоната кон три победи кои водат до тронот во женската сениорска кошарка.

За разлика од оние претходни серии, се чини дека во оваа не важи она правило кое одредува одреден фаворит. Можеби во мала предност, поради играњето на домашен терен, особено во првите два натпревари го прави Баскет кам 2011 да биде поблиску до пехарот.

Девојките од Македонска Каменица би ја имале таа предност и доколку серијата дојде до петти натпревар.

Ова е четвртто, по ред, појавување на Баскет Кам 2011 во големото финале кое го дава шампионот во женска конкуренција. Во претходните три, освоија две шампионски титули.

Од друга страна, и Вардар ќе ја игра својата четвртта финална серија. Во досегашните три обиди „вардарки“ еднаш, за прв и единствен пат во својата историја, стигнаа до шампионскиот трофеј. Тоа беше во сезоната 2018/2019, кога во три натпревари беа подобри од екипата на Бадел 1862, истата од која ги загубија претходните две финални серии од доигрувањето за шампионскиот трофеј.

Во оваа сезона, двата финалисти досега одиграа вкупно три натпревари. На два од нив победи Баскет кам 2011. Прво во регуларниот дел, на свој терен славеше со (77:58), а потоа и во рамките на т.н.„Оролоџо“, со резултат (68:63).

Девојките во „црвено-црна“ комбинација победија на свој терен, со минимални (64:62), што значи дека Баскет кам 2011 води со (2-1) во меѓусебните дуели, што секако останува во архивата.

Пред двете екипи се најмалку три, а најмногу пет натпревари. На првиот, судиската тројка ја чинат: Влатко Цветаноски, Никола Јакимовски и Филип Филиповски, додека во улога на делегат е Марјан Ников.

Поглед низ историјата

Ова ќе биде вкупно 31.финална серија од плеј-офот од постоењето на македонската клупска кошарка во женска конкуренција, со забелешка дека шапион не беше прогласен во сезоната 2019/2010.

Прв освојувач на шампионската титула, во сезоната 1992/1993, е екипата на Иноспектар Студент.

*Екипата на Вигор Скопје пак е најтрофејната. Под тоа име „вигорки“ осум пати му се радувале на шампионскиот пехар, и уште шест под името Бадел 1862.

*Четири пати шампион на Македонија во оваа конкуренција била екипата на Кимико од Струга (2002 до 2006 година). Во два наврати шампионските одличја ги добиле кошаркарките на Тиквеш (Флорида, Балкан) во сезоните 1993/94 односно 2001/2002, и Баскет кам 2011 (2020/2021 и 2022/2023)

*Свое место во историјата на женската кошарка, како шампиони, има и за: Агроопрема, Водњански Лисици, Младинец Изградба комерц, Кросиг и еден од финалистите во овој плеј-оф, скопски Вардар    

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ФИНАЛНАТА СЕРИЈА

15.МАЈ: Баскет кам 2011 – Вардар

18/19. МАЈ: Баскет кам 2011 – Вардар

22. МАЈ: Вардар – Баскет кам 2011

25/26. МАЈ*: Вардар – Баскет кам 2011

29.МАЈ*: Баскет кам 2011 – Вардар

* ако биде потребно

ЛИСТА НА ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНИ – ЖЕНСКА КОНКУРЕНЦИЈА

СЕЗОНА 1992/93: Иноспектар Студент – Симекс Скопје            3:0

СЕЗОНА 1993/94: Тиквеш Флорида – Студент       6:4 (серијата стартува со водство од 3-1 за Тиквеш Флорида)

СЕЗОНА 1994/95: Студент – Тиквеш Флорида       3:0

СЕЗОНА 1995/96: Агроопрема – Студент    3:0

СЕЗОНА 1996/97: Студент – Кочани  3:0

СЕЗОНА 1997/98: Вигор Скопје – Тиквеш-Кавадарци     3:1

СЕЗОНА 1998/99: Вигор Скопје – Профитнес Вест-Охрид         3:1

СЕЗОНА 1999/2000: Вигор Босс Скопје – Водњански Лисици-Скопје           3:2

СЕЗОНА 2000/2001: Водњански Лисици – Скопје – Вардар     3:1

СЕЗОНА 2001/2002: Тиквеш Балкан – Куманово  3:0

СЕЗОНА 2002/2003: Кимико-Струга – Профитнес-Охрид          3:1

СЕЗОНА 2003/2004: Кимико-Струга – Вигор Скопје        3:1

СЕЗОНА 2004/2005: Кимико-Струга – Вигор Скопје        3:0

СЕЗОНА 2005/2006: Кимико – Струга – Вигор Скопје      3:1

СЕЗОНА 2006/2007: Вигор Скопје – Билјана 006–Охрид           2:1

СЕЗОНА 2007/2008: Вигор Скопје – Младинец-Скопје  3:1

СЕЗОНА 2008/2009: Вигор Скопје – Билјана-Охрид        3:0

СЕЗОНА 2009/2010: Младинец – Вигор Скопје     3:1

СЕЗОНА 2010/2011: Вигор Скопје – Клубски          3:0

СЕЗОНА 2011/2012: Вигор Скопје - Бадел Кросиг-Скопје       3:0

СЕЗОНА 2012/2013: Кросиг-Скопје - Вигор Скопје           2:1

СЕЗОНА 2013/2014: Бадел 1862 – Работнички      3:0

СЕЗОНА 2014/2015: Бадел 1862 – МНА Кожувчанка      3:0

СЕЗОНА 2015/2016: Бадел 1862 – Клупски 3:0

СЕЗОНА 2016/2017: Бадел 1862 – Вардар  3:0

СЕЗОНА 2017/2018: Бадел 1862 – Вардар  3:0

СЕЗОНА 2018/2019: Вардар – Бадел 1862  3:0

СЕЗОНА 2019/2020: без шампион

СЕЗОНА 2020/2021: Баскет кам 2011 – Бадел 1862        3:1

СЕЗОНА 2021/2022: Бадел 1862 – Баскет кам 2011         3:1

СЕЗОНА 2022/2023: Баскет кам 2011 – Бадел 1862   3:0

СЕЗОНА 2023/2024: Баскет кам 2011 – Вардар ???