10.10.2024

Во новата натпреварувачка сезона, осумте најдобри екипи, во голема мерка ќе се потпрат на „домашниот потенцијал“

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ: Баскет кам го задржа шампионскиот „костур“, и има најголеми шанси да ја одбрани титулата

Време е и за македонска кошарка, онаа во женска конкуренција.

Време е за почеток на новата натпреварувачка сезона во сениорската женска Прва лига, која со себе носи некои новитети, секако, во однос на оние претодни сезони.

Поврзано со „изгледот“ на осумте екипи од кои е составена Првата „А“ група.

Истиот вели дека за разлика од некои минати сезони, во претстојната прволигашите ќе се потпрат на оние „домашни сили“. Односно дека, извесно, во првиот дел од првенството, ќе се потпрат на она што се квалификува како домашно.

И навистина се ретки случаите каде некој од прволигашите смета(ат) на некои странски засилувања.

Погледот на пријавните листи на осумте екипи вели дека странски кошаркари на почетокот на шампионатот, ќе има само во Крива Паланка, односно во Вардар.

Втора година по ред „вардарки“ сметаат на Кетлин Матие, додека па „стандардно“, ќе гледаме американски кошаркарки во дресот на Крива Паланка, овојпат тука се: Дијани Робинсон односно Одри Меклејни.

Останатите шест ќе чекаат разврска на онаа прва фаза, коба веројатно би се активирале на оној „странски пазар“...

Вклучително и актуелниот бранител на титулата, екипата на Баскет Кам 2011... Екипата која во оној прв официјален натпревар во сезоната, од Суперкупот „Драган Василов-Цевка“ најави дека е подготвена, макар и со нешто „потенок ростер“, да тргне во одбрана на она што го освои во текот на ланската.

Имињата, оние репрезентативни, како Цветанка Димова, Сања Адамовска, Ивана Кметовска и Катерина Поп Димитровска се висока гаранција за успех, макар што во тимот од Македонска Каменица ќе ја нема Марија Николов, но и играч од типот на Драгана Зубац.

Извесно е дека конкуренцијата ќе биде онаа ланската, а ја сочинуваат пред се Вардар и Бадел 1862, а тука е и екипата на Крива Паланка.

За „вардарки“, хендикеп е што ќе немаат играчи како Славица Наков, Марија Димитријевиќ, но тоа „отсуство“ ќе се обидат да го покријат со ангажманот на играчи како Лиле Миткова, Јана Кукунешоска, а на пријавната листа е ставена и Ања Начевска.

Во текот на летниот преоден рок, одличен ростер креираше раководството на Бадел 1862. Јасно е дека „жолто-сините“ ќе имаат доста подобра и поквалитетна екипа во однос на ланската, особено ако се земат во предвид трансферите на играчи како Јована Петрушевска (се врати од Грција), и Марија Николов (довчерашен играч на Баскет Кам 2011).

Двоец кој заедно со Теа Митрева, треба да бидат поддршка за младата екипа која и во наредната сезона од клупата ќе ја предводи Перо Стамески.

Михаела Алексовска и Божица Стоевска ќе ја предводат екипата на Крива Паланка во која повторно има нови кошаркарки од САД, што во некоја рака би требало да биде доволно за место во првата проектирана „четворка“.

Втората „половина“ од ова друштво ја сочинуваат екипите на МЗТ Скопје Аеродром, Пробаскет, Куманово-Гризли, и новакот во оваа конкуренција, Патриот 2016 од Делчево.  

МЗТ Скопје, се чини направи најдрастични промени во играчкиот кадар, во кој нема ниту една кошаркарка надвор од Македонија.

Подобро кажано, стручниот штаб кој го предводи Горан Крстевски, ќе смета само на млади кошаркарки, на тим во кој „највозрасни“ се Марија Митева и Сара Петровска (родени 1998 година).

Извесно е дека екипата од Делчево влегува во оваа конкуренција и со најмлад играчи состав. Оној во кој, на пример, најдобрата кошаркарка, Ана Ангеловска е дел од тимот составен од играчи родени 2006 година, и помлади.

Истото би можело да се констатира за кавадаречки Пробаскет, која, јасно е, ќе функционира на „младински погон“.  

Овој викенд своите натпревари од новата сезона ќе ги играат и осумте клубови од Првата „Б“ лига, кои низ оние 14.кола од регуларниот дел ќе се борат за првите две позиции кои водат во разигрувањето за места кои водат во ТОП 8 групата од женскиот сениорски сегмент.

ПРВА „А“ ЛИГА-ЖЕНИ

ДВОЈКИ 1. КОЛО

11. ОКТОМВРИ (ПЕТОК)

11.30: Пробаскет – Вардар

Сала ДТВ „Партизан“ - Кавадарци

12. ОКТОМВРИ (САБОТА)

12.30: МЗТ Скопје Аеродром – Куманово Гризли

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/f9wsl6GTW_8?si=R4P30SpDU2HRnYD4

18.00: Бадел 1862 – Баскет кам 2011

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/qzSNKTsHbSQ?si=2r-fDEZhTG2owFrL

13. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

16.15: Патриот 2017 – Крива Паланка

Сала „Методија Митевски-Брицо“ – Делчево

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/rXbA3VC0TS4?si=2TBfKxd5xJKccQEX

 

ПРВА „Б“ ЛИГА-ЖЕНИ

ДВОЈКИ 1. КОЛО

13. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

12.00: Шкупи – Струга 2009

Сала „Зеф Љуш Марку“ – Скопје

12.30: Риниа – Охрид

Сала „Христијан Тодоровски-Карпош“ - Куманово

13.30: Гостивар – Тим спорт

Сала „Младост“ – Гостивар

15.ОКТОМВРИ (ВТОРНИК)

18.00: Јан Бор – Пониква 2022

Сала ДТВ „Партизан“ - Кавадарци