07.04.2024

Екипата од Македонска Каменица го потврди првото место со убедлива победа (89:63) против Бадел 1862, и трипл-дабл на Кметовска...

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ: Баскет кам шампионски против „баделки“, Куманово-Гризли е трет!

Со две расположени, за игра, кошаркарки, тешко дека екипата на Бадел 1862 може, барем во овој момент, да биде конкурентна со екипата која ја брани титулата, но и другите трофеи освоени во текот на оваа сезона.

Тоа се покажа и во дуелот од седмото коло од „Оролоџото“ односно последното во регуларниот дел од сезоната.

Кошаркарките на Баскет Кам 2011 стигнаа до убедлива гостинска победа (89:63), за потврда на првата стартна позиција пред почетокот на плеј-оф натпреварите.

Ја најавија уште во првиот период, кој го добија со сигурни (25:16), а кои до полувремето ги удвоија, и дојдоа до уште повисоки (49:32). Во слично темпо се одвиваа настаните и во второто полувреме во кое фаворитот го покажа својот квалитет и стигна до триумфот во кој Димова се вгради со реализација на 24.поени и девет скока, Адамоска заврши со 21.поен (и шест скока и четири асистенции), Зубац реализираше 14.поени.

Сепак, Ивана Кметовска беше играч на натпреварот.

Не само поради трипл-дабл ефектот од 13.поени, 14.скока и 11 асистенции, туку многу повеќе поради своето „присуство во рекетот“ на двете страни од игралиштето.

Во домашната екипа, дефинитивно се одвоија Томпсон, со 29.поени и 11.скока, односно Баркли, која на 16. реализации дојде и исто толку скокови (и три асистенции). 

Некогашниот шампион ќе го стартува четвртфиналето со серија против третопласираната екипа во оваа завршна фаза, Куманово-Гризли, која во мечот на одлука, на свој терен го победи МЗТ Скопје Аеродром со (60:46).

А Снежана Алексиќ уште еднаш потврди дека е „половина екипа“ на Куманово-Гризли, веројатно и повеќе од тоа. Искусната кошаркарка даде повеќе од половина од поените на домашната екипа – вкупно 32, додека Петрушевска ја следеше со 11. За скор (13-8) и трето место на табелата пред почетокот на плеј-офот за шампионската титула.

Томас даде 14, а Петровска уште 13. поени за МЗТ Скопје Аеродром, кој по овој пораз „падна“ на позицијата 4.

Очекувано, екипата на Крива Паланка беше убедлива во дуелот против Струга 2009. Славеше со високи (71:49), во натпревар во кој Алексовска со 23.поени, беше најдобар стрелец во победничката екипа во која уште Мазук даде 20.поени за потврда на петтото место на табелата.

А 23. поени, но на другата страна, постигна и младата репрезентативка, Модева.

Утревечер (18.часот), својот меч од ова коло ќе го одиграат екипите на Пробаскет и на Вардар. Без резултатско значење, ако се земе в предвид дека „вардарки“ ќе тргнат во доигрувањето од втората позиција, додека екипата од Кавадарци, која е на седмото место, ќе мора да игра во баражот, против второпласираната екипа од Првата „Б“ лига.

ПРВА „А“ ЛИГА-ЖЕНИ – „ОРОЛОЏО“

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 7.КОЛО

Бадел 1862 – Баскет Кам 2011 63:89

Крива Паланка – Струга 2009  71:49

Kуманово-Гризли – МЗТ Скопје Аеродром 60:46

8.АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.00: Пробаскет – Вардар

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/f_4oG0I8y2A?si=_3S7hd0u4lMpHiB2

ТАБЕЛА: Баскет кам 2011 39, Вардар 35 (-1), Куманово-Гризли 34, МЗТ Скопје Аеродром 33, Крива Паланка 32, Бадел 1862 29, Пробаскет 26 (-1), Струга 2009 21;

ПРВА „Б“ ЛИГА - ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 18. КОЛО

Спорт тим – Тим Арена  42:76

Јан Бор – Патриот 2016  35:63

Шкупи – Риниа      20:0 сл.

Гостивар - Пониква 2022           51:31

Охрид – СЛОБОДЕН

ТАБЕЛА: Патриот 2016 31, Тим Арена 30, Шкупи 29, Охрид 24, Гостивар 2009 23, Јан Бор 21, Риниа 19, Пониква 2022 17, Спорт тим 17;

*Екипите на Патриот 2016 и Тим Арена ќе разигруваат за место во плеј-офот, против седмо односно осмопласираните екипи од групата „А“