20.03.2023

Формирани се четвртфиналните двојки за доигрувањето за титулата

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ: Баскет Кам стартува од првата позиција во никогаш понеизвесниот плеј-оф

ФОТО: Баскет Кам 2011 го победи Вардар во дербито на 14 коло

Екипата на Баскет Кам 2011, една од најдобрите во изминатите неколку сезони, ги дочекува натпреварите од плеј-офот, од најдобрата, од првата стартна позиција.

Кошаркарките од Македонска Каменица го добија дерби дуелот од 14, и последно коло од регуларниот дел од сезоната. Беа подобри од Вардар, на гостувањето во „Кале“ славеа со (73:65).

И тоа со голем пресврт кој го направија во последната четвртина, во која влегоа со негатива од четири поени (58:62). На противникот му дозволија да постигне само три поени, доволни за 12. победа во 14. одиграни мечеви.

Дури четири кошаркарки на Баскет Kам 2011 го завршија натпреварот со двоцифрен број на поени. По 17 дадоа Марија Николов и Елена Тасевска, свои минути имаа и Сања Адамоска која заврши со 16 поени, на кои додаде за бек, извонредни 14 скока, плус и шест асистенции,  и Сара Максимовска која дополни со десет.

Малку поразлично беа поделени поените кај Вардар, каде во преден план е учинокот на најискусната Славица Наков, која постигна 24 поени, а имаше и девет скока, шест освоени топки и пет асистенции, и најмладата, Ања Начевска кој пак својата добра игра ја заокружи со реализација на 20 поени, четири скока и по две асистенции и блокади.

Дуелот кој одлучуваше која екипа ќе заврши на петтото место во кој се сретнаа екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Струга 2009 им припадна на новите освојувачки на Купот. Славеа девојките во „сино-бела“ комбинација со сигурни (75:61), кои ќе тргнат во битките за вториот трофеј во оваа сезона токму со четвртфиналната серија против екипата на Вардар.

Доигрувањето за шампионската титула ќе стартува на 5. април.

ФОТО: Кошаркарките на Бадел 1862 беа подобри од Гризли, и ќе стартуваат од втората позиција во плеј-офот

Но претходно, согласно со системот за натпреварување, ќе се одиграат и две бараж-серии во кои ќе играат седмо односно осмопласираната екипа од Првата „А“, односно прво и второпласираните екипи од групата „Б“.  

Според системот „подобар во три натпревари“, овие четири екипи ќе одлучат кои две од нив ќе играат во плеј-офот за шампионската титула.

Овие натпревари ќе се играат на 25, односно 29. март, а ако биде потребно, т.н. „мајсторка“ е превидена да се игра на 1 април, на теренот на подоброрангираните екипи (Гризли и Пробаскет).

ПРВА „А“ ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 14. КОЛО

Крива Паланка – Пробаскет     83:38

МЗТ Скопје Аеродром – Струга 2009            75:61

Гризли – Бадел 1862       43:68

Вардар – Баскет Кам 2011        65:73

ТАБЕЛА: Баскет Кам 2011 26, Бадел 1862 24, Крива Паланка 23, Вардар 21,МЗТ Скопје Аеродром 21, Струга 2009 19, Гризли 17, Пробаскет 15;

БАРАЖ-НАТПРЕВАРИ

(25 март, 29 март, 1 април*)

Пробаскет – Патриот 2016

Гризли – Шкупи

*ако биде потребно

ПЛЕЈ-ОФ

ЧЕТВРТФИНАЛНИ ДВОЈКИ

(1) Баскет Кам 2011 – (8)Пробаскет/Патриот 2016

(2) Бадел 1862 – (7)Гризли/Шкупи

(3) Крива Паланка – (6) Струга 2009

(4) Вардар – (5)МЗТ Скопје Аеродром

 

ПРВА „Б“ ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 18. КОЛО

Пониква 2022 – слободен

Шкупи – Пелистер            58:36

Патриот 2016 – Спорт Тим        63:42

Јанбор – Риниа      60:46

Гостивар 2009 – ЖКК Куманово          31:51

ТАБЕЛА: Патриот 2016 31, Шкупи 29, Јанбор 28, Гостивар 2009 24, ЖКК Куманово 2020 23, Пелистер 23, Пониква 2022 22, Риниа 17, Спорт Тим 16;