10.05.2024

Во решавачкиот меч од полуфиналето, екипата од Македонска Каменица беше убедлива против Крива Паланка (80:53) за конечни (2-1) во серијата

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ: Баскет кам ќе ја брани и шампионската титула!

Екипата на Баскет кам 2011 ќе има можност да ја брани шампионската титула откако во третиот и решавачки натпревар од полуфиналето, излезе како победник против екипата на Крива Паланка. На крајот, тоа делува и повеќе од убедливо (80:53), сосема доволно Баскет кам 2011 да ја затвори и оваа серија, која ги носи на мегдан односно финална серија против екипата на Вардар, која извесно, ќе стартува на 15.мај.

БАСКЕТ КАМ 2011 – КРИВА ПАЛАНКА          80:53 (2-1)

Имаа шампионките добар почеток на оваа „мајсторка“, во првиот период се стекнаа со солидно водство (17:9), кое до полувремето го зголемија на двоцифрено (35:25).

Иако имаа проблеми со личните грешки, особено на оние водечки играчи како Кметовска и Димова, избраничките на тренерот Жаклина Стојановска, ги симнаа дилемите околу конечниот победник уште во третата четвртина. Десет минути во кои додадоа уште седум поени во и онака високата позитива, за уште поголеми (59:42), кои во оној последен период ги донесоа до убедлив триумф, доволен за нов „влез“ во уште една финална серија.  

Димова постигна 24.поени, Зубац ја следеше со 16, Кметовска со 14,  додека Максимовска придонесе во овој втор успех на бранителот на титулата со реализација на 12. поени.

Во последниот натпревар за екипата на Крива Паланка во оваа натпреварувачка сезона,  Американката Мазук реализираше 17.поени, Алексовска даде 13, но недостасуваа поените на МекКала, која собра седум поени, како и на  Хавкинс која даде само осум.

Баскет кам 2011 и Вардар се во големото финале кое ќе го одреди новиот шампион на Македонија во женска сениорска конкурренција преку серијата во која до пехарот ќе стигне екипата која прва ќе собере три поени.