08.04.2023

Во само два натпревари, стружанки ја елиминираа подобропласираната екипа на Крива Паланка, се чека последниот полуфиналист

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ: Фаворитите Бадел 1862 и Баскет Кам со „двочекор“ во полуфиналето, таму е и Струга

ФОТО: Екипите на Бадел 1862 и Баскет Кам 2011 без проблеми влегоа во полуфиналето

Екипите кои важат фаворити, стигнаа и до втората победа во четвртфиналето.

Бранителот на титулата, екипата на Бадел 1862 без проблеми и по втор пат за кратко време беше подобра од составот на Гризли (70:48) и со максимални (2-0) ја затворија серијата, и се најдоа во полуфиналето.

А противник во полуфиналето на Бадел 1862 ќе им биде екипата на Струга 2009, која изненадувачки, во само два натпревари го елиминира составот на Крива Паланка кој плеј-офот го почна со подобра стартна позиција и предност на домашен терен.

По победата на гостински терен, стружанки беа подобри и во салата „Нико Нестор“, славеа со сигурни (67:54) и со максимални (2-0) се изборија за место во полуфиналето.

На овој втор натпревар во серијата, стружанки имаа постојана контрола на резултатот. По полувремето, кое го решија во своја корист со (34:29), домашните кошаркарки се одвоија и на двоцифрена позитива, во 28. минута, водеа и со (51:37), која успеаја да ја одбранат во последниот период во кој гостинките од Крива Паланка, само се заканија, но не направија и ништо повеќе од тоа.

До решавачкиот триумф ги предводеше Американката Софи Ли, која реализираше дабл-дабл од 29.поени и 14.скока. Доби голема помош од повратникот во тимот, Анамарија Шеќероска, која даде 13.поени, имаше и пет скока, но и капитенот Тања Стојаноска која го заврши натпреварот со 12.поени и пет успешни додавања.

Во гостинската екипа, Американската Шамека МекНил даде 26.поени, дополни со осум скока, додека пак Михаела Алексовска ја заврши првенствената сезона со десет поени, три скока и една асистенција.

Ланскиот финалист во плеј-офот, Баскет Кам 2011 без проблеми победи и на гостувањето во Кавадарци. Против Пробаскет (83:58), екипа која во овој момент не е противник по мерка за екипата која ја предводи тренерот Златко Гоцевски.

Репрезентативката Поп Димитровска и Милованова со по 17. реализации ја предводеа листата на стрелци за екипата од Македонска Каменица, во која Ѓуковиќ дополни со 14.поени, Тасевска имаше 13, а Максимовска уште 11.

Во онаа од Кавадарци, Јовановиќ заврши со 16, Стоева имаше 13, а Ставрова уште 11.поени.

Утре, од 18.часот, во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, својот втор меч ќе го одиграат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Вардар. Аеродромки имаат предност од (1-0) во серијата и со евентуален триумф и на овој меч, ќе се промовираат во последен учесник во полуфиналето каде ги чека екипата на Баскет Кам 2011.

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ – ЧЕТВРТФИНАЛE

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 2. НАТПРЕВАР

*Струга 2009 - Крива Паланка 67:54 (2-0)

Пробаскет - *Баскет Кам 2011 58:83 (0-2)

Гризли - *Бадел 1862 48:70 (0-2)

9.АПРИЛ (НЕДЕЛА):

18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Вардар (1-0)

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

*- полуфиналисти