Првиот ден од месецот мај ги носи и првите натпревари од полуфиналето на плеј-офот во женска сениорска конкуренција.
Четирите најдобри екипи во досегашниот дел од сезоната, ги почнуваат сериите кои треба да ги дадат двата финалисти на доигрувањето за титулата државен првак.
Титула која и оваа сезона ја брани екипата на Баскет Кам 2011 кој во исто време е и актуелен освојувач на Куп-трофејот.
Екипата од Македонска Каменица е и актуелен лидер и тим кој има најдобра стартна позиција, онаа првата, во доигрувањето за титулата.
И не само поради тоа, јасно е дека Баскет кам важи како изразит фаворит во серијата против Крива Паланка. Во прилог кон една таква констатација се и резултатите на овие два полуфиналисти во досегашниот дел од сезоната.
Велат дека актуелниот шампион и ги добил сите четири натпревари во претходните фази од првенството, но и во полуфиналето од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.
Екипата од Македонска Каменица славеше на мечевите во регуларниот дел. Прво на свој терен со (82:69), а потоа и на гостински (77:67).
Бранителот на титулата беше подобар и во оној натпревар од вториот круг, т.н. „Оролоџо“, кога беше и најубедлив (84:54). А со победата (89:70) девојките кои од клупата ги предводи тренерот Жаклина Стојановска, ја „поминаа“ Крива Паланка и во полуфиналниот меч од Купот.
За максимален ефект од четири победи во исто толку натпревари, што и ги фаворизираат пред почетокот на оваа серија во која место во финалето ќе има за двете екипи кои први ќе остварат по две победи во овие серии од полуфиналето.
А ако екипите кои се дел од полуфиналето се фаворизираат според овие критериуми, тогаш, извесно е дека онаа на Вардар е во една таква улога пред да почне серијата со екипата на Куманово-Гризли.
„Вардарки“ победија на сите три, досега одиграни натпревари против екипата од Куманово. Во првиот меч (од второто првенствено коло), победија како гости, убедливо со (66:50), а девојките во „црвено-црна“ комбинација беа подобри и на свој терен, во мечот од 9. првенствено коло, со резултат (83:77).
„Најтесно“ беше во оној дуел од „разигрувањето“, во кој Вардар славеше со минималки (6361), со кои и ја потврдија позицијата број 2, која им ја носи и предноста на домашен терен во овој серија во кој максимално може да се одиграат три средби.
Но, тоа е само едно минато, добро за Баскет Кам 2011 и за Вардар. Во оној период кој следува, веќе од среда попладне, екипите на Куманово-Гризли и Крива Паланка ќе се обидат и да победат, и да ги направат серии, ако ништо „подолги“, односно да „траат“ и максимални три натпревари.
ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ
ДВОЈКИ – ПОЛУФИНАЛЕ
1.МАЈ (СРЕДА)
17.00: Баскет Кам 2011 – Крива Паланка
Сала „Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица
18.30: Вардар – Куманово-Гризли
Сала на КК „Вардар“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/o6AFcXAsYeg?si=3X1PCa10muLU9Lds