14.05.2023

Екипата од Македонска Каменица и по трет пат беше подобра од Бадел 1862, сега и на гостински терен (68:59) за (3-0) во големото финале

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛE: Баскет кам со „трочекор“ до втората шампионска титула!

„Баделки“ има одлично прво полувреме. Но во она второто, до израз дојде квалитетот и нешто подолгиот играчки ростер кој го има сега веќе новиот шампион на Македонија

БАДЕЛ 1862 – БАСКЕТ КАМ 2011        59:68 (0-3)

Мкедонија има нов шампион во женска сениорска конкуренција. Баскет Кам 2011 го победи Бадел 1862 и по трет пат во финалната серија на плеј-офот, и му ја симна шампионската круна.

Девојките од Македонска Каменица се шампиони, по втор пат, во не така долгата историја на клубот од малото рударско градче на Истокот од Македонија.

До третиот и решавачки поен, избраничките на тренерот Златко Гоцевски дојдоа по потешкиот пат.

На почетокот како да очекуваа дека актуелниот шампион, така лесно ќе им ја препушти круната. Одиграа одлични 20.минути „баделки“ пред своата публика во салата „Независна Македонија“. Особено тоа се однесува за оној втор период од играта во кој се сттекаа со сосема солидно водство од (33:26).

Но кога требаше да притиснат уште повеќе за да дојдат до првата победа во финалето, домашните кошаркарки подзастанаа. Евидентно е дека и немаа преголем број на квалитетни кошаркарки кои ќе им помагаат на Матие, на Димитријевиќ и Лазаревска. Ови три кошаркарки и Маркоска, ги одиграа сите 40.минути на овој трет меч од серијата, видлив беше „заморот на материјалот“ особено во последниот период од играта во кој гостинките влегоа дури и со позитива од два поени (41:39).

Во тие десет минути на одлука, одлично одигра Елена Тасевска, која го носеше својот тим кон двоцифрен лус, до кој и дојдоа (51:41).

Сега веќе новиот шампион имаше и друг поентерски арсенал во Адамовска и Николов, кои беа и ударното „трио“ за третата, решавачка победа во серијата. Искомбинираа 52, од крајните 68. поени за новиот државен првак на Македонија.