29.05.2021

Екипата од Македонска Каменица беше и по трет пат подобра од Бадел 1862, славеше со (86:66), за конечни (3-1) во финалето

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛЕ: За прв пат во историјата Баскет КАМ стана шампион на Македонија, и ги обедини двете круни!

Екипата на Баскет КАМ е новиот шампион на Македонија.

Кошаркарките од Македонска Каменица беа подобри од Бадел 1862 во големото финале на македонската женска кошарка.

По трет пат по ред во финалната серија, беа поуспешни од својот голем ривал во оваа сезона. И со конечни (3-1) во победи го затворија финалето, стигнаа, за прв пат во своето постоење, до шампионскиот пехар.

Но и обединување на двете круни во женската кошарка во сезоната 2020/2021, затоа што пред месец дена беа подобри од Бадел 1862 и во финалниот меч од Купот „Благоја Георгиевски Буштур“.

Апсолутно заслужено, ако се земе в предвид дека во долгата сезона, имаа само два порази. По еден во Суперлигата и еден во плеј-офот, од нивниот противник во мечевите кои ги носеа трофеите.

Но тоа веќе е минато сегашноста вели дека Баскет КАМ е најдобриот женски колектив во оваа сезона.

БАСКЕТ КАМ – БАДЕЛ 1862       86:66 (3-1)

Четврттата приказна од финалната серија беше налик на дел од претходните. Уште во раната фаза кошаркарките на Баскет КАМ обезбедија двоцифрена предност. Уште еднаш во голема мерка, со индивидуалните квалитети кои ги поседува Анџелика Митрашиновиќ, и овојпат со асистенција на Гобељиќ, а во втората четвртина и од Поп-Димитриоска, која собра десет поени.

По седум минути игра, веќе беше (22:12) за екипата-домаќин во ова финале. За првиот дел од играта заврши и со нешто повисоки (29:18).

Митрашиновиќ немаше намера да сопре ниту во вториот период, со неколку точни шутеви за три поени, и пробивања во противничкиот рекет, на својот тим му донесе и двојно поголема предност.

По 17.минути игра, Баскет КАМ ја удвои позитивата. Имаа плус 21 (46:25), потоа и уште повисоки (51:27), по што полека почна да се формира славеничка атмосфера во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.

Јасно и поради што, актуелниот освојувач на Купот, имаше најубедливо водство (54:29).

Второто полувреме од овој последен меч за сезоната 2020/2021 се претвори во една обична формалност.

Беше само констатација плус, дека во овој момент Баскет КАМ е најдобрата екипа во женска сениорска конкуренција.

Доказ за тоа е обединувањето на двете круни, шампионската и Купот на Македонија!

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ - ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ

Бадел 1862 – Баскет КАМ          64:60

Баскет КАМ – Бадел 1862         78:73

Бадел 1862 – Баскет КАМ          59:71

Баскет КАМ – Бадел 1862         86:66