04.05.2023

Во „мајсторката“ беа подобри за три поени од Струга 2009 (56:53), и закажаа серија со Баскет Кам 2011 која ќе го даде новиот шампион

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ: Бадел 1862 ќе ја брани титулата!

Струга 2009 и Бадел 1862 вечерва го играа и петтиот меч за место кое води во финалето. По голема брба, во текот на сите 40.минути, како победник излезе екипата која го брани шампионскиот пехар-Бадел 1862. Онаа која подобро се снајде во моментите на одлука, и ги имаше расположените Матие и Димитријевиќ.

БАДЕЛ 1862 – СТРУГА 2009         56:53 (3-2)

Со големи резултатски промени стартуваше „мајсторката“ во Скопје. Прво „повлекоа“ кошаркарите од Струга кои поведоа со (18:8). Но веднаш вратија „баделки“ со своја серија а поени, по која на истекот на првата четвртина резултатот беше нерешен (19:19).

На почетокот на втората четвртина, пет брзи поени за домашната екипа (24:19) кои го натераа тренерот на стружанки Владимир Ѓоровиќ, на тајм-аут. Донесе резултат, односно израмнување (26:26), потоа и (32:32), кое го креираа Ли и Шеќероска. На другата страна доминираше Матие, која и го држеше составот од Скопје во водство, макар и минимално. А по поентирањето на Димитријевиќ (нејзин 11 на натпреварот), на крајот од првото полувреме Бадел 1862 водеше со (36:32).    

И на почетокот на второто полувреме Бадел 1862 имаше плус од пет поени (41:36). Но по десеттиот поен на Шеќероска, стружанки направија мини серија од шест поени, за минимално водство (42:41). Беше поголемо откако Ли постигна тројка, (47:43) во последната минута од третата четвртина во која бранителот на титулата даде само седум поени.

Димитријевиќ со четири поени го врати својот тим во игра за победа, Бадел 1862 израмни, (47:47). А по поентирањето на Марие и поведе (49:47). Серијата на „баделки“, со  тројка ја прекина Ли, која го реализираше својот 21. поен. По 35. минути резултатот гласеше (51:50) за предизвикувачот.

За кратко затоа што одново на теренот се „појави“ Матие, која го врати водството на страната на домашната екипа. На 33. секунди пред крајот, Ли имаше шанса да донесе нов нерешен резултат. Но беше половична од линијата за слободни фрлања. Казната стигна на другата страна. Ја „изрече“ Матие, која со својот 18.поен, му донесе водство (56:53, и победа злато вредна на својто тим, затоа што Зендели не го погоди шутот за три поени кој ќе го однесеше  атпреварот во продолжение од пет минути.

Победа, вредна финале, во која за Бадел 1862, Матие дојде до бројката од 18.поени, а Димитријевиќ имаше уште 13. Софи Ли имаше 24. поени за Струга 2009, Шеќероска и Зендели додадоа по десет.

Финалната серија во која ќе играат екипите на Баскет Кам 2011 и на Бадел 1862, стартува во недела (16.30 часот), во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица. Новиот шампион на Македонија ќе биде екипата која прва ќе стигне до три победи во серијата.

.