Ако се мери, или ако се суди според резултатите во оној регуларен дел од сезоната, екипата на Баскет кам 2011 има сериозна предност во однос на својот противник во полуфиналето – МЗТ Скопје Аеродром.
Пред почетокот на полуфиналето, извесно е дека екипата од Македонска Каменица, која е прворангирана по одигрувањето на 14. кола е поблиску до место во големото финале.
Впрочем, екипата која од клупата ја предводи Златко Гоцевски, ги доби двата досегашни натпревари во првиот дел од сезоната.
На натпреварот кој беше дел од 6. коло, одигран во Скопје, Баскет Кам 2011 победи со резултат (80:77). И она што беше очигледно, е далеку подобрата распределба на поените во гостинската екипа. Комплетната стартна петорка заврши со двоцифрен број на поени. Ја предводеше Адамовска, која реализираше 18.поени, три помалку имаа Николов и Димова, Поп-Димитровска имаше 14, а Зафировска уште десет.
Многу поразлично беше во „сино-белиот“ дел, каде очекувано, доминираше двоецот од САД, Симонс (33) и Ли (28), кои делумно ги испрати само уште Митрева, со десет реализации.
Слично беше и на средбата одиграна во Македонска Каменица, дел од 13.коло. Со мала разлика околу вкупниот број на реализирани поени, на двете страни од теренот.
Најдобрата екипа во регуларната фаза од првенството повторно добро го нивелираше бројот на играчи со десет или повеќе реализации. Николов дојде до 18, Димова имаше 17, по 11 реализираа Тасевска и Максимовска, а уште десет дојдоа од Адамовска.
Се чини дека и тоа е основниот „рецепт за успех“ во овие натпревари за тимот од Македонска Каменица.
Во оној од Аеродром, уште еднаш се издвоија Оливија Ли, стрелец на 27.поени, Џој Симонс додаде 19, а Живковиќ уште 10.поени.
РЕЗУЛТАТИ ВО РЕГУЛАРНИОТ ДЕЛ
БАСКЕТ КАМ 2011 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 2-0
МЗТ Скопје Аеродром - Баскет Кам 2011 77:80
Баскет Кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром 69:63
БАДЕЛ 1862 – СТРУГА 2009 (1-1)
Бадел 1862 – Струга 2009 68:61
Струга 2009 - Бадел 1862 56:49
Малку поинаква е ситуацијата пред почетокот на втората полуфинална серија во која се среќаваат Бадел 1862 и Струга 2009.
Двата ривали за место во финалето си поделија по една победа во првата фаза од шампионатот.
Ја искористија предност на домашниот терен. Стружанки победија пред својата публика во салата „Нико Нестор“ (56:49). Во тој меч од 4. коло, ја имаа и тоа како расположената Американка Сафија Ли, која постигна 31.поен, повеќе од ударниот двоец на „баделки“ Матие (15.поени) Димитријевиќ (14).
Актуелниот шампион им се реваншираше на свој терен, во салата „Независна Македонија“, каде вечерва (18.часот, директен пренос на МРТ 3) ќе се игра првиот меч од полуфиналната серија, девојките во „сино-жолта“ комбинација победија со (68:61).
Во тој натпревар, дел од 13.коло, блескаше Кејтлин Матие која реализираше 34.поени, или еден повеќе во однос на Ли на другата страна од теренот. Кај Бадел 1862 двоен број на поени – 12, имаше и Маркоска, во Струга 2009 таков играч на тој меч – немаше.
И можеби тоа ќе биде и најголемиот проблем за тимот кој го предводи тренерот Владимир Ѓоровиќ. Но така беше и во четвртфиналето со Крива Паланка, натпревари во кои дефинитивно се врати и Анамарија Шеќероска, што е од исклучителна важност за екипата од Струга во оваа серија, која се очекува да биде доста израмнета, и во која можеби ќе се играат и пет натпревари.
ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ
ПРВ НАТПРЕВАР - 19.АПРИЛ (СРЕДА):
16.30: Баскет Кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица
18.00: Бадел 1862 – Струга 2009 (МРТ3)
Сала „Независна Македонија “- Скопје