18.04.2023

Полуфиналните серии стартуваат утре, Бадел 1862 и Баскет Кам 2011 ја имаат предноста на домашен терен

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ: До финалето се потребни три чекори

Само една „мјасторка“ во четирите четвртфинални серии донесе одлука за пласман меѓу четирите најдобри во плеј-офот за шампионската титула.

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром ја затвори серијата против Вардар со победата во третиот и одлучувачки меч, и се проби во полуфиналето.

А три победи ќе им бидат потребни на полуфиналистите во оваа сезона од плеј-офот во Првата лига-жени.

Двете серии кои треба да го дадат двата финалисти статуваат на 19.април (среда), а предност во серијата „кој прв до три победи“ која ја носи играњето на домашен терен ќе имаат Бадел 1862 и Баскет Кам 2011 .

Од 16.30 часот, во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, Баскет Кам 2011 е домаќин на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, И тоа ќе биде „реприза“ на финалниот натпревар од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ одигран во средината на февруари.

Прилика за девојките од Македонска Каменица да му се реваншираат на ривалот за загубата во мечот за првиот трофеј во сезоната од друга страна пак, добра можност за аеродромки да ја продолжат бајката во дебитантската сезона како прволигаши.

Од 18.часот, во салата „Независна Македонија“ во Кисела вода, бранителот на титулата, екипата на Бадел 1862, ја продолжува и одбраната на пехарот против екипата која пријатно изненади во четвртфиналето. Струга 2009 ја елиминираше Крива Паланка, но девојките со кои работи Владимир Ѓоровиќ нема да се задоволат со тоа. Ќе се обидат да направат уште поголемо изненадување, да отидат и до финалето.

За да биде така, треба три пати да бидат подобри од „баделки“, кои исто како и Баскет Кам 2011 ја имаат предноста на домашниот терен во серијата.  

Освен утре попладне, ќе се игра и на 22.април, одново на теренот на подобропласираните екипи во регуларниот дел, Баскет Кам 2011, Бадел 1862. Третиот натпревар од серијата е предвиден за 26.април, каде во улога на домаќини ќе бидат МЗТ Скопје Аеродром и Струга 2009.

Ако биде потребно, ќе се игра и на 29.април, додека евентуалниот петти меч е закажан за 3.мај.   

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

19.АПРИЛ

Баскет Кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром

Бадел 1862 – Струга 2009

22.АПРИЛ

Баскет Кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром

Бадел 1862 – Струга 2009

26.АПРИЛ

МЗТ Скопје Аеродром - Баскет Кам 2011

Струга 2009 - Бадел 1862

29.АПРИЛ (АКО БИДЕ ПОТРЕБНО)

МЗТ Скопје Аеродром - Баскет Кам 2011

Струга 2009 - Бадел 1862

3.МАЈ (АКО БИДЕ ПОТРЕБНО)

Баскет Кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром

Бадел 1862 – Струга 2009