19.04.2023

Бадел 1862 одигра многу подобро во второто полувреме во кое најде решение и стигна до стартна победа (63:61)

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ: Шампионот имаше подобар финиш, најде решение за стружанки

Драматичен меч одиграа Бадел 1862 и Струга 2009 во првото полуфинале, со доста подобра завршница на екипата која го брани шампионскиоот пехар

Стружанки имаа водство во најголем дел од првиот меч од полуфиналната серија одигран во салата „Независна Македонија“. Но тоа не им беше доволно за изненадување...

БАДЕЛ 1862 – СТРУГА 2009        63:61 (1-0)

Имаа гостинските кошаркарки во неколку наврати и двоцифрена предност, која ја креираше одличната Ли, потпомогната од Шеќероска и Биочанин. Дури и од 12 поени, но тоа не беше гаранција за успех на Струга 2009 на првото од двете планирани гостувања во Скопје.

Пред се затоа што освен Матие, во текот на играта „се појави“ и Маркоска, која беше вистинско изненадување за одбраната на гостинската екипа, која на овој меч во Скопје беше хендикепирана со неприсуството на шефот на стручниот штаб, Владимир Ѓоровиќ.

Гостинките беа подобри во првата четвртина, ја добија со (16:11), но и во втората, па на одморот заминаа со сосема солидно водство (31:24).

Но како одминуваа минутите, така беше очигледен падот во играта на екипата од Струга. До истекот на третиот дел, „баделки“ анулираа половина од таа негатива. Во периодот на одлука, тимот на тренерот Перо Стамески влезе со само три минусни поени, (50:47). Брзо го анулираа и тоа негативно салдо. А во самито финиш, по 14. поен на Матие, Бадел 1862 стигна до минимално водство (62:61), а останаа да се доиграат 1:37 минути. Стружанки останаа без реализација, беа сурово казнети, испуштија голема шанса за „брејк“.

На крајот, Маркоска даде 20. поени (имаше и шест скока), а Матие уште 14 (плус и десет скока и пет додавања), колку што имаше и Лазареска во екипата на Бадел 1862, кој ќе биде домаќин и на вториот меч од серијата, а ќе се игра на 23.април (недела), на истото место.

Кај Струга 2009, далеку напред, поентерски беше Американката Сафија Ли, стрелец на 27.поени, плус и девет скока, но и седум загубени топки), Шеќероска застана на 14. поени и 7.скока, а Биочанин даде осум поени, имаше и девет скока.

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ - ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Баскет Кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром  84:66 (1-0)

Бадел 1862 – Струга 2009        63:61 (1-0)