Баскет Кам по четвртти пат по ред, или пак Крива Паланка за прв пат во својата историја, ќе биде шампион на Македонија во женска сениорска конкуренција.
Одговор на ова прашање ќе даде финалната серија на плеј-офот, која стартува вечерва (од 18.часот), во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.
Екипата на Баскет кам ќе ја има предноста на домашниот терен во финалето кое ќе се игра според системот „подобар во пет натпревари“. Односно нов шампион на Македонија ќе биде екипата која ќе дојде прва до три победи. Во оној регуларен дел од сезоната, предизвикувачот, екипата на Крива Паланка успеа да го победи составот од Македонска Каменица.

Пред својата публика, славеа со резултат (70:54). Но шампионот се реваншираше со уште поубедлив триумф (77:51).
Токму таа победа ги донесе девојките од Македонска Каменица до првата стартна позиција која носи и голема предност во финалето. Тоа беа и единствените неуспешни игри на двата финалисти во текот на оваа сезона, во онаа прва фаза од шампионатот.
Во доигруавњето, Баскет кам без проблеми ги мина двете пречки, прво екипата на Спорт тим од Неготино, а потоа во полуфиналето запиша уште две победи против екипата на МЗТ Скопје Аеродром.

Од друга страна, екипата на Крива Паланка во два натпревари го елиминираше Пробаскет, додека до финалето дојде со еден загубен меч во серијата со Бадел 1862.
Сето тоа како најава за едно неизвесно финале во женскиот сениорски сегмент на македонската кошарка.
ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ
ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛЕ
ДЕНЕСКА:
18.00: Баскет Кам – Крива Паланка
Сала „Кирил и Методиј“ - Македонска Каменица