03.11.2024

Гостите од Скопје имаа само стартно водство, се друго беше на страната на екипата на Тиквеш Голден Игл која дојде до победата (97:84)

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ: Кавадарчани преку Феникс до вториот триумф

Во последниот натпревар од 5. коло од Првата „Мтел“ лига, кошаркарите на Тикквеш Голден Игл беа подобри од Феникс 2010. Тоа е втор триумф за кавадаречкиот состав во почетната фаза на шампионатот.

ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ – ФЕНИКС 2010    97:84

Во само пет минути гостите од Скопје направија серија, почетна, од (14-4). Но уште побрзо го загубија тоа водство. Кавадарчани брзо „одговорија“, во само две и пол минути, направија контра-серија (11-1), доволна за егал резултат (15:15).

Сепак, до истекот на тој прв период, Феникс 2010 ја врати предноста на своја страна (21:20).

Поведоа гостите и со (26:20), нешто потоа и со (29:22), но немаа „константност“ во „чување“ на водството. Или подобра кажано, Тиквеш Голден Игл не дозволи таа разлика да биде и поголема, како на почетокот од мечот во салата „Јасмин“.  Слично на ситуацијата од првата четвртина, кавадарчани дојдоа до нов нерешен скор (35:35), кога се играше 16.минута. А по тројката која дојде од Коскоски, конечно преминаа во водство (38:37). До крајот на првото полувреме, публиката виде уште неколку промени на предноста, на двете страни од теренот.   

По 20.минути игра, „минималец“ имаа кошаркарите на Тиквеш Голден Игл, (44:43).

Третиот период од играта беше налик на оној вториот. Со единствена разлика што кавадарчани додадоа уште два поени на своето поентерско салдо и во оној последниот влегоа со плус од пет поени, (70:65).

Но и доста добра „распределба“ на поените на стартната петорка (четворица „двоцифрени“).

На почетокот на последната четвртина, кавадарчани поведоа со (74:65), а Младеновиќ ја комплетираше петорката на играли со десет и повеќе реализации.

Тоа практично се покажа како недостижно за амбициите на гостинската екипа која не успеа да се доближи до таа двоцифрена разлика на Тиквеш Голден Игл.

Мајкл Грин имаше „стандарден“ поентерски ефект, во финалните минути дојде до 25.поени (имаше и седум асистенции), младиот Златев реализираше 21. поен (и девет скока), Глигоријевиќ имаше 17, а Квери и Младеновиќ по 10, со дополнување дека искусниот бек имаше и десет успешни додавања до соиграчите.

Кај Феникс 2010, Митревски дојде до 23.реализации (и четири асистенции), Марфи имаше 14, (и девет скока), Тимоти и Персон дадоа по 13, а Мајлс дополни со 12. поени и пет асистенции.

Ова беше втора победа за кавадаречкиот прволигаш во пет одиграни мечеви, Феникс 2010 останува на само една, и останува во долниот дел на табелата во Првата „Мтел“ лига.

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 5. КОЛО

Тиквеш Голден Игл – Феникс 2010    97:84

Пелистер – Кожув 85:79

МКК Куманово – Гостивар        71:62

Вардар – Работнички      71:79

ТФТ – Шкупи           82:73

Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром 95:94

ТАБЕЛА: ТФТ 10, Чаир 2030 9, Работнички 9, Пелистер 9, МЗТ Скопје Аеродром 8, Кожув 7, Гостивар 7, Тиквеш Голден Игл 7, МКК Куманово 7, Феникс 2010 6, Шкупи 6, Вардар 5;  

ИДНО КОЛО (09.11)

Работнички – ТФТ

МЗТ Скопје Аеродорм – Гостивар

Шкупи – Тиквеш Голден Игл

Феникс 2010 – Пелистер

Чаир 2030 – Вардар

Кожув – МКК Куманово