07.12.2024

Највисокиот играч на теренот погоди за три поени кога беше најпотребно, пред звукот на сирената, за конечни (85:83)

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ: Крај е кога ќе каже Луковиќ, со тројка го шокираше Работнички!

Дуелот во Куманово донесе доста добра кошарка, голем број на резултатски промени. на крајот и драматични моменти, со среќен крај за домашната екипа, која ја слави неверојатната тројка која ја реализираше Урош Луковиќ, практично пред сирената да означи крај на натпреварот.

МКК КУМАНОВО – РАБОТНИЧКИ        85:83

Доста израмнето одиграа Куманово и Работнички во првиот дел од играта од дуелот во салата „Перо Наков“. Практично во ниту еден момент од првото полувреме ниту еден од ривалите не се стекна со некоја предност која може да се нарече сериозна.

Освен, резултатот на семафорот (11:17), кој беше забележан во шестата минута од мечот, по кој кумановските „сино-бели“ се вратија веднаш, по серијата од (10-2), дури и поведоа до истекот на тој прв дел (21:19).

Слично беше и во втората четвртина, но со забелешка дека Работнички беше тимот кој креираше таква слична предност. По поентирањето на Шошкиќ, во 14.минута, „црвено-белите“ имаа вишок од седум поени (30:23).

Но во минутите кои следуваа МКК Куманово се консолидираше, и до крајот на полувремето стигна до негатива од само „пола кош“ (41:42)

Ниту одморот не ги смени релациите на играта, и прикажаното на теренот...

Нерешено беше до средишниот дел од третата четвртина (50:50), пред гостите да направат мини серија од (5-0) за (55:50). Но и тоа траеше кратко, затоа што МКК Куманово имаше одговор, за нова промена на водството (56:55).

Во тој дел од мечот, се поентираше  „ во серии“, дојде уште една на „црвено-белите“, за нова измена на водството (59:56), потоа и (61:59), за и тој доста изедначен период биде затворен со прифатлив резултат за гостинската екипа, (64:59).

Егал беше резултатот (75:75) и пред влегувањето во последните две минути од мечот во кој имаше доста промени на водството. Минута подоцна беше (77:77).

Во последните 60 секунди, прво Ефремовски освои топка, која Дубински, со тројка, ја претвори во ново водство за гостите, (80:77).

По тајм-аутот на тренерот Марин Докузовски, не баш забележливиот Тадиќ со две слободни фрлања, намали на (79:80). Дубински беше фаулиран, и остана „мирен“ и од оваа дистанца, од која се добива по еден поен, за (82:79).

Во пенал-завршницата, прво попушти Тадиќ, кој беше половичен за (80:82). Дојде редот на Ефремовски, биеше непрецизно во првото, но го погоди второто, за многу важни (83:80) на 11 секунди до крајот.

Драмата продолжи откако Волер беше фаулиран при обидот за тир поени. Доби три слободни фрлања искусниот бек. Но погоди две, намали на (82:83).

Следниот на ред на линијата за слободни фрлања да застане беше Ѓуроски, кој не ги реализираше двете, па им даде нова шанса на кумановци.

И, потоа еден ретко виден момент, во кој Урош Луковиќ се претвори во херој на МКК Куманово, погоди неверојатна тројка – вредна уште поголема победа!

Радукиќ беше прв стрелец кај МКК Куманово, имаше 31.поен, плус осум скока и шест асистенции. Луковиќ испорача нов дабл-дабл ефект од 20.поени и 15.скока. Сосема добри минути одигра и Стојановски, кој на 13.реализации додаде и три скока и две додавања, додека Волер даде 14.

Дубински даде 21.поен, имаше и 7. асистенции и 4.скока. Се подобри игри во „црвено-белиот“ дрес покажува Капетановиќ, кој на ова гостување застана на ефект од 18.поени. По краткото отсуство, Ѓуроски се врати во ростерот на Работнички со 14.поени и 6.успешни додавања, Робев имаше уште 10.поени, на крајот тоа се покажа како недоволно за победа во Куманово.

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 9. КОЛО

МКК Куманово – Работнички   85:83

ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром 75:70

Гостивар – Шкупи 79:65

Кожув – Феникс 2010      86:73

8.ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Тиквеш Голден Игл – Вардар

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/JBnkKvFGkss?si=gcSotLEgqjSSsZo3

18.30: Пелистер – Чаир 2030

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Tbp248vuqic?si=jefuZFs3vGzAlpBN

ТАБЕЛА: ТФТ 17, МЗТ Скопје Аеродром 15, Чаир 2030 15 (-1), Работнички 15, Кожув 14, МКК Куманово 14, Пелистер 13 (-1), Гостивар 12, Шкупи 12, Феникс 2010 11, Тиквеш Голден Игл 10 (-1), Вардар 8 (-1);