Во последниот натпревар од 10.коло од Првата „Мтел“ лига, МКК Куманово го изненади Чаир 2030, стигна до важен триумф кон ги носи кон (по)горните позиции на табелата...
ЧАИР 2030 – МКК КУМАНОВО 91:95
МКК Куманово беше екипата која подобро го отвори натпреварот во салата „Шабан Трстена“. И го доби првиот период со солидна предност од (22:15).
Добро продолжија гостите, ја држеа таа солидна предност, успешно одолеваа на нападите на екипата од Чаир, која сепак, успеа да намали на (32:35), каков што беше резултатот во 15.минута. Имаше МКК Куманово одново плус 8 (40:32), но до истекот на првото полувреме, Чаир 2030 повторно се доближи, сега на (44:46).
По големата пауза, во 26.минута, кумановци имаа и двоцифрена предност (59:48), но до истекот на тој дел од играта домашната екипа „се симна“ на нешто пониска негатива, (59:66).
Тројката на Радукиќ ги донесе гостите до нова двоцифрена предност (69:59) во првиот напад од последната четвртина. Но чаирчани веднаш возвратија, одново се доближија, на два поени заостанување (69:71).
По тројката на Ролинс, домаќините беа уште поблиску, имаа „половина кош“ заостанување (72:73), кога се играше 34.минута. Но Волер и Радукиќ го одбија и тој чаирски напад, донесоа плус 6, (78:72). А со помош на високиот Луковиќ, на три и пол минути пред крајот, изградија уште поголеми (82:73).
И го натераа тренерот на Чаир 2030, Ерхан Рамадан да повика тајм-аут. Тоа донесе резултат, затоа што чаирчани влегоа во мини-серија, и да намалат на (78:82).
За нов тајм-аут, но на гостинската страна која го одбрани и тоа, и преку ацојот највисок играч, одново се одвои на (91:83), и само 1:25 минута до крајот.
Но и тука не беше крајот, затоа што чаирчани направија уште еден, сериозен обид, по кој уште еднаш дојдоа на „еден посед“ заостанување (91:93). И нов тајм-аут на Докузовски, на 26 секунди до крајот. Период во кој Волер беше „мирен“ од линијата за слободни фрлања, и постави недостжни (95:91), за огромна победа на МКК Куманово на терен каде тешко (ќе) се победува.
Стартерите во гостинската екипа одиграа како што тоа, веројатно, и го посакува нивниот тренер.
Сите беа двоцифрени, дури и најмладиот во тоа „друштво“ Стојановски, кој реализираше 10.поени. Најмногу, 26 дојдоа до Радукиќ, кој имаше и 10.скока, Вилер имаше 20, Луковиќ оствари нов дабл-дабл од 17.поении 13.скока, додека освен 17 поени, Тадиќ додаде и шест скока и пет додавања.
Кај Чаир невредни останаа оние 34.поени од Мофит, како и двојниот ефект на Ролинс изразен со 22.реализации и 13.скока. Кели додаде уште 16.поени (и шест скока), но изостана поддршката од другите.
ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛАТИ 10. КОЛО
Чаир 2030 – МКК Куманово 91:95
Работнички – Гостивар 77:76
Шкупи – Кожув 68:81
Вардар – Пелистер 59:90
ТФТ – Тиквеш Голден Игл 90:86
МЗТ Скопје Аеродром – Феникс 2010 92:63
ТАБЕЛА: ТФТ 19, МЗТ Скопје Аеродром 17, Чаир 2030 17, Пелистер 17, Работнички 17, Кожув 16, МКК Куманово 16, Гостивар 13, Тиквеш Голден Игл 13, Шкупи 13, Феникс 2010 12, Вардар 10;
ИДНО КОЛО (21.12)
Тиквеш Голден Игл – МЗТ Скопје Аеродром
Пелистер – ТФТ
Гостивар – Чаир 2030
Феникс 2010 - Шкупи
МКК Куманово – Вардар
Кожув - Работнички