Натпревар исполнет со слаба реализација, голем превсрт, драматика, и победа на ТФТ виде публиката во салата „Младост“ на вечерашниот дуел во кој нивните миленици останаа без победата буквално во последната секунда од играта.
ГОСТИВАР – ТФТ 60:61
Скромна, доста скромна беше првата четвртина во која двата тима постигнаа само 13. поени, минути во кои подобро се снајдоа кошаркарите на Гостивар кои водеа со резултат (9:4)!?
Очекувано, многу подобро изгледаа двете екипи во продолжението на натпреварот, но со поентерска константа односно водство на домашната страна. Го имаа расположениот Роудс гостиварци во тоа прво полувреме (постигна 14.поени), потпомогнат од двоецот Соколов-Митевски, значеше и одржување на тааа разлика, која на полувремето изнесуваше седум поени (31:24).
На средината на третиот дел, по поените на искусниот Зивчевиќ, Гостивар поведе и со 12 поени (43:31), но гостите, преку расположениот Николов (14 поени во три четвртини), вратија со своја серија од (8-1) со која се доближија на само пет поени заостанување (39:44) за тој период да биде затворен со поените на Соколов и резултат (46:39).
Во последниот, гостите од Скопје како да го пронајдоа својот играчки ритам, и доста брзо успеаја да ја анулираат таа, нималку наивна, негатива. Со поените на репрезентативецот Мекиќ, прво изедначија, (48:48), а веќе во наредниот напад преминаа во водство (52:50) по тројката на Говенс, останаа да се доиграат долги 6:24.минути.
А победникот беше добиен во буквално последните пет секунди. Секвенца во која прво Митевски донесе водство за Гостивар (60:59), за повеќе од драматично, пред звукот за крај на мечот, Николов да погоди за голема и важна победа на ТФТ (61:60) на ова и тоа како тешко гостување.
Токму Николов е јунакот на „црно-белите“ затоа што освен улогата на меч-винер, дојде и до 18. поени и шест скока, следен од Мекиќ кој досдаде 15 (и шест скока и три додавања) и Говенс кој ги испрати со 13.поени (пет скока и четири асистенции).
Во домашната екипа, Соколов и Митевски постигнаа по 17.поени, Родес даде еден помалку.