12.10.2024

Во неизвесната завршница, битолчани имаа поголема концентрација и се радуваат на минимален, но голем триумф против МЗТ Скопје (68:67)

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ: „Пелистерци“ чекаа, и дочекаа победа против првакот (ФОТО)

Обично велат, „кој чека-ќе дочека“. Ова важи од вечерва и во случајот на кошаркарите на Пелистер, кои долго време беа без успех во дуелите против најдобрата наша екипа во изминатите години – МЗТ Скопје.

Во драматичен финиш, со поените на Антоан, го совладаа големиот ривал, со минимален резултат. И втора победа во две одиграни кола за „зелено-белите“ на отворањето на новата сезона во Првата „Мтел“ лига.

ПЕЛИСТЕР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ          68:67

По добриот старт на гостите од Скопје (водството од 7-0), битолчани брзо се вратија во дерби дуелот на ова 2, првенствено коло, и пред истекот на првата четвртина дури и поведоа со (18:17), за тој прв период МЗТ Скопје сепак да го добие со (21:19).

За разлика од првата, Пелистер добро ја отвори втората четвртина во која со своја серија од (10-3), стигна до солидно водство (29:24). Но со „краток рок на траење“ затоа што по поените на Копривица, гостите ја вратија предноста на својата страна, макар била и минимална (31:30).  

Но и тоа не траеше долго, затоа што битолчани одговорија релативно брзо и добро, за нова резултатска промена (37:34) кога се играше 18.минута од дербито во Битола. Во последните две, само два поени, и тоа на еден кошаркар на Пелистер (Антоан), за повисока предност на „зелно-белите“ (39:34).

Полувреме во кое, интересно дури по осум играчи на двете страни од теренот, стигнаа да влезат во официјалниот записник во графата на поени. Знак дека двајцата тренери располагаа(т) со подолг играчки ростер, и тоа како потребен за вакви натпревари со префикс на дерби.

Налик на првото, почна и второто полувреме во салата „Боро Чурлевски“. Со серија од седум неодговорени поени за МЗТ Скопје, и гостинско водство од (41:39).  

Но исто како и во првиот дел, гостите не го задржаа за долго. Пелистер беше тимот кој ја имаше предноста низ таа трета четвртина, но не поголема од пет поени (49:44) во 25.минута, која одново „металците“ го анулираа на само еден поен (54:55), резултат со кој се влезе во одлучувачкиот период.

А во него, максимална неизвесност, буквално до последните секунди во кои подобро се снајдоа домашните кошаркари.  

Во последните десетина секунди, прво Слај беше „мирен“ од линијата за слободни фрлања, за нова, минимална предност на шампионот (67:66).

А по тајм-аутот на тренерот Петровиќ, дербот го реши Антоан, кој погоди за победа на Пелистер. Во оние четири секунди кои останаа, Слај не се претвори во винер на бранителот на титулата кој го запиша првиот неуспех и во домашниот шампионат.

Токму Антоан со  16 поени (и шест скока), беше прв стрелец во дерби дуелот во Битола, Костоски имашпе 13, а Бојиќ додаде уште 10 за победникот.

Во поразената екипа, Слај заврши со 13 реализации, Копривица и Крстевски имаа по 11, додека Војдан Стојановски забележа уште десет.

 

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 2.КОЛО

Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром      68:67

Гостивар – ТФТ      60:61

МКК Куманово – Тиквеш Голден Игл           93:89

Шкупи – Работнички          (во тек)

13.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

17.00: Феникс 2010 – Чаир 2030

СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/DdDTF8uhqbw?si=8zo63tnRuzRjkVkj

17.00: Кожув – Вардар

Сала „26.април“ – Гевгелија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/CL9d4ohQZo4?si=pt63ZptI6oJxKKt5