На затворањето на деветтото првенствено коло, Пелистер и Чаир 2030 водеа голема борба за двата бода во салата „Боро Чурлевски“. Одлуката падна во последната минута. Онаа во која битолчани направија серија од (7-0), со која ја потврдија победата во супер важниот, за нив, меч против досегашниот лидер на табелата.
ПЕЛИСТЕР – ЧАИР 2030 77:73
Комплетната прва петорка на Пелистер беше вклучена во поентерските активности во првиот период од играта. Оној во кој „зелено-белите“ се стекнаа со сосема солидно водство (22:13).
Навистина, истото може(ше) да се констатира и за нападот на гостите од Скопје, но тој беше доста, односно многу понеефикасен (видливо и кај резултатот), а презентирано само со 13. поени за 10.минути.
Тачи, со две по ред тројки, најави многу подобра игра во нападот на Чаир 203 во продолжението на натпреварот. За намалување на негативата, (20:25).
Кога веќе фатија ритам во нападот, чаирчани успеаја да дојдат и до нерешен резултат. Имаа егал (31:31) по шест и пол минути во втората четвртина. Но тој дел до истекот на првото полувреме им припадна на битолчани.
Со серијата од (9-1) практично го вратија она што го имаа по првата делница, и на одмор заминаа со сосема солидни (40:32).

Слична беше предноста на домашната екипа и на средината од третата четвртина (51:42), но се чини дека никако не успеваа и да го „прекршат“ резултатот, односно да направат и посериозна предност. Што во некоја рака чаирчани го искористија и во оној „втор дел“ од таа делница, дојдоа до прифатливи (56:60) со кои почна онаа последната.
Во неа, гостите беа и најблиску, заостануваа само еден поен (63:64), кога погоди Кели, а се играше 34.минута.
Но Антоан, а потоа и Стојановски, со две тројки, го одбија тој напад на гостинската екипа, му донесоа на Пелистер нешто посигурни (70:63), и многу помалку време на противникот, нешто помалку од четири минути.
Ролинс врати со иста мерка, серијата на гостите ја продолжи и Кирк, за (68:70) и очекувано, тајм-аут на тренерот на Пелистер, Александар Петровиќ. Без ефект затоа што преку Кели, Чаир 2030 израмни на (70:70), со кои се тргна и во последните 60 секунди.
Им припаднаа на „пелистерци“, затоа што прво тројка даде Антоан, потоа Бојиќ собра еден „отпадок“ погоди за (75:70), а Стајиќ освои уште една топка, и положи за недостижни (77:70).
Четири од пет стартери на Пелистер беа „двоцифрени“. Бојиќ стигна до 18.поени, Стајиќ и Мишковиќ имаа по 15, додека Антоан застана на 13, а блиску беше Стојановски, кој додаде девет. Во екипата од Чаир, Ролинс даде 18, Кели 15, Мофит 12, а Кирк уште 11.поени, недоволно за успех на тешкото гостување во Битола по кое сега се втори на табелата со скор (7-2).
ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 9. КОЛО
Пелистер – Чаир 2030 77:73
Тиквеш Голден Игл – Вардар 78:72
МКК Куманово – Работнички 85:83
ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром 75:70
Гостивар – Шкупи 79:65
Кожув – Феникс 2010 86:73
ТАБЕЛА: ТФТ 17, Чаир 2030 16, МЗТ Скопје Аеродром 15, Пелистер 15, Работнички 15, Кожув 14, МКК Куманово 12, Гостивар 12, Тиквеш Голден Игл 12, Шкупи 12, Феникс 2010 11, Вардар 9;
ИДНО КОЛО (14.12)
Вардар – Пелистер
Работнички – Гостивар
ТФТ – Тиквеш Голден Игл
МЗТ Скопје Аеродром – Феникс 2010
Шкупи – Кожув
Чаир 2030 – МКК Куманово