Третиот круг од натпреварите во Првата „Мтел“ лига го носи мечот над сите мечеви, вечната пресметка помеѓу најголемите ривали во македонската кошарка, Работнички и МЗТ Скопје Аеродром.
Терминот е 19. октомври (сабота), од 18.часот, ќе се игра во салата на СРЦ „Кале“, каде во улога на домаќин е Работнички.
Инаку, вечните ривали во нашата клупска кошарка овој викенд ќе го одиграат својот 166. натпревар во историјата.
А „црвено-белите“, сеуште, имаат голема предност во оној меѓусебен однос на победи и на порази. Поточно водат со (92:73) во победите во сите рангови на натпреварување, не само оние првенствените, каков што е овој во сабота навечер (директен пренос на МРТ3).
Овој дуел доаѓа, се чини во доста незгоден момент, особено за актуелниот бранител на шампионската титула. Зад „металците“ се две неуспешни игри, односно порази на двете гостувања. Прво во Загреб, од Цедевита Јуниор во рамките на АБА 2 лигата, а некој ден подоцна и во Битола, каде за еден поен подобар од нив беше составот на Пелистер.
Од друга страна, иако не блескаа во првите две кола, избраниците на тренерот Горан Самарџиев излегоа како победници во дуелите против Феникс 2010 односно Шкупи, и засега се на максимален ефект во домашното првенство. Но имаат и два порази во втората лига на Јадранот (од Сутјеска и Војводина).
Но во меѓувреме, „црвено-белите“ се соочија и со големи кадровски проблеми, веќе не можат да сметаат на некои играчи (странски), кои си заминаа од клубот, што значи и доста помала „ротација“, што од друга страна носи многу поголема предност за екипата која сепак важи за некој фаворит, макар и умерен, пред почетокот на новото вечно дерби.
Уште еден меч од ова трето коло ќе се игра на истото место. Доста порано, од 13.30 часот, кошаркарите на ТФТ ќе го пречекаат гевгелиски Кожув, во обид да ја продолжат мини-серијата на победи (две).
Од друга страна гевгеличани „го скршија мразот“ во новата сезона откако пред неколку дена го совладаа скопски Вардар, што носи и поголема доза на самодоверба пред новото гостување во главниот град.
А на десетина метри одалеченост, во малата сала на „Кале“, од 16.часот, токму „вардарци“ ќе се обидат да дојдат до првиот успех во новата сезона. За противник ја имаат екипата на Феникс 2011 зад која се, исто така, две неуспешни игри.
Во Скопје, ќе се одигра уште еден меч од саботната програма. Ќе биде доста интересен ако се знае дека еден против друг ќе се најдат две екипи со „потекло“ од Чаир.
Во мечот кој е закажан за 19.часот, а ќе се игра во салата „Шабан Трстена“, Чаир 2030 влегува како екипа која има поголеми шанси за успех, пред се затоа што тимот на Ерхан Рамадан веќе има две победи. Оној другиот, кој од клупата го предводи Тони Симиќ, има два порази во стартните два круга од елитното натпреварување.
Во Кавадарци, од 18.часот, ќе играат екипите на Тиквеш Голден Игл и Гостивар, домаќините во обид да дојдат од првиот успех во новиот шампионат, за гостиварци пак шанса да дојдат до вториот, по оној во првото коло против екипата на Вардар во Скопје.
Колото број 3 ќе биде затворено со дуелот во кој ќе се сретнат екипите на Пелистер и на МКК Куманово. Закажан е за 19.часот, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 3. КОЛО
19. ОКТОМВРИ (САБОТА)
13.30: ТФТ – Кожув
Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/8LzoGHZTfwE?si=gaXrSc_NrH-CJRv-
16.00: Вардар – Феникс 2010
Сала на КК „Вардар“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/hcorwRgDzYo?si=U6pKRqRODbdN_F4h
18.00: Тиквеш Голден Игл – Гостивар
Сала „Јасмин“ - Кавадарци
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/r7UHaocnvlA?si=6S4ki3ySPnmbF9-B
18.00: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром (МРТ3)
Сала на СРЦ „Кале“ - Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/hIXhwIheRxw?si=QHYAa7OCeX4shV3w
19.00: Чаир 2030 – Шкупи
Сала „Шабан Трстена“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/AD4SV0tVsdY?si=rgrROJm1h2mut_s5
20. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)
19.00: Пелистер – МКК Куманово
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/cKhFpZ9pqmo?si=dSJHpyXLecf0wgSR