12.10.2024

Во соседскиот дуел во СРЦ „Кале“, кошаркарите на Работнички стигнаа до победа против видно мотивираниот состав на Шкупи (81:73)

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ: Репрезентативниот „трилинг“ го одбрани Работнички од нападите на Шкупи

Во натпревар во кој се сретнаа две екипи кои делат иста сала, онаа на СРЦ „Кале“, Работнички ја оправда фаворитската улога, и го совлада Шкупи, но за да дојдат до вториот триумф во новиот шампионат, им беше потребно многу поголем труд од оној, за нив, веројатно планиран да биде нешто помал... 

ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ 73:81

Одличен, и изненадувачки добар, почеток имаа кошаркарите на Шкупи во дуелот против фаворизираниот Работнички. Во нецели четири минути направија плус од 10. поени (15:5), но за исто толку кусо време, „гостите“ успеаја да се вратат. И тоа со своја серија од (11-0) за да поведат (16:15), за таа одлична, пред се ефикасна, четвртина, Шкупи да ја реши во своја корист со (29:26).  

Во наредната како работите да си доаѓаа на своето место...

„Црвено-белите“ притиснаа малку повеќе во одбраната што даде резултат. Го „закочија“ противникот на само десет поени во тие десет минути, на другата страна реализираа многу повеќе, дури 26.

За комотна предност на полувремето (51:39).

Во она второто, уште еден, и тоа како сериозен обид за „враќање“ на повратникот во Првата лига. Во седум минути домашната екипа анулираше дури десет поени, дојде до -2 (57:59). Но Ефремоски, во свој стил, со две тројки, го одбрани тој напад на противникот, за (65:57) во корист на Работнички по три одиграни четвртини, во кои, освен него, двоен број на реализации во гостинската екипа веќе имаа Ѓуроски (15) и Полутак (13).

Тројката на Камбери одново им даде надежи на кошаркарите на Шкупи за некое изненадување. Но „одговори“, веднаш, со пет поени Ѓуроски за десет поени позитива за Работнички, (70:60).

Потоа дојде редот и на третото репрезентативно име во гостинскиот тим. Дамјан Робев врз неколку поени, доволни за да го одржи тоа водство (74:65).

Но и тоа не беше крајот, затоа што упорноста на домашната екипа донесе во последните две минути да бидат на само три поени зад ривалот (73:76). За играње остана доста време, 1:42 минута, период во кој Робев постигна и четири слободни фрлања, за нешто поголеми, а се покажаа и недостижни (81:73).

Застана на бројката од 15.реализации (и девет скока), а претходно Ѓуроски броеше до 20 (плус шест скока и три асистенции), Ефремовски имаше 17 (дополнети со пет скока и три додавања), а Полутак оствари и дабл-дабл скор од 15.поени и 12. скока.

Кај Шкупи, Аранитовиќ постигна 18.поени, Стојановски имаше 15, а Арчи 11.поени

ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 2.КОЛО

Шкупи – Работнички       73:81

Гостивар – ТФТ      60:61

МКК Куманово – Тиквеш Голден Игл           93:89

Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром     68:67

13.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

17.00: Феникс 2010 – Чаир 2030

СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/DdDTF8uhqbw?si=8zo63tnRuzRjkVkj

17.00: Кожув – Вардар

Сала „26.април“ – Гевгелија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/CL9d4ohQZo4?si=pt63ZptI6oJxKKt5