Неверојатно возбудлив натпревар одиграа Работнички и Феникс 2010 на отворањето на новата првенствена сезона. Исполнет, пред се со големи резултатски пресврти, на крајот, победата ја однесе екипата на...
РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС 2010 90:85
Звучи неверојатно како се одвиваа настаните на третиот по ред меч одигран денеска во СРЦ „Кале“, оној во кој актери беа кошаркарите на Работнички и на Феникс 2010.
По сигурниот старт, и убедливото водство по десет минути од играта (33:19), Работнички си доволи комплетно „враќање“ на противничката екипа.
Во втората четвртина доминираше едно ново лице на кошаркарските терени кај нас. Се вика Девон Грент, односно играчот на Феникс 2010 кој едноставно не знаше да погреши во шутот од поле... од дистанца, од линијата за слободни фрлања, сеедно.
Водени од неговата прецизна игра (12/12 во шутот од поле) гостите направија комплетен пресврт. И во играта, и во резултатот. Во тие десет минути, парцијално гледано, Феникс 2010 направи неверојатни (35:8), доволно за да има убедливо водство (54:41), на полувремето.
А потоа уште еден, нов дел од „ролекостерот“ во СРЦ „Кале“, го режираа домашните кошаркари. Екипа во која за разлика од гостинската имаше повеќе расположени, за давање кошеви, играчи. Ако во првиот период задолжен за тоа беше Ѓуроски во продолжението погодуваа и Шошкиќ. И Полутак, и Ефремовски, потоа и Робев. Па Работнички успеа во обидите да ја стигне високата негатива и во последниот дел да влезе со само два поени негатива (66:68).
А по воведните (7-2) на почетокот на последната, „црвено-белите“ го вратија водството на своја страна, поведоа со (73:70). А кога успеаја да „се вратат“, кошаркарите на Работнички повеќе не дозволија ново враќање на Феникс 2010. Упорно ја чуваа таа позитива, а некако ја снема и магијата на Грент, односно подобро кажано не доби вистинска поддршка од соиграчите (освен Стојковиќ кој во меѓувреме нанижа 14. поени) во тие моменти на одлука.
Во последните две минути Работнички влезе со плус 6, (85:79), доволно за прва победа во новата сезона.
Во неа, Ѓуроски „учествуваше“ со 28.поени (четири скока и три асистенции), Робев и Полутак дадоа по 15, а Шошкиќ уште 13.поени, но и осум асистенции и седум скока.
На другата страна, Грент запре на ефект од 37.поени (8/9 за два и 6/7 за три поени), шест асистенции и два скока (индекс 40), додека Стојковиќ го следеше со 16.поени и шест скока.