На максимален ефект останува екипата на ТФТ и по шест одиграни кола. Во доста возбудлив, квалитетен меч, исполнет со доста промени на водството, на играта, голем број на реализирани обиди вредни по три поени, со висок процент на успешност, на двете страни, лидерот дојде до победата број 6, која го остава осамен на првата позиција на табелата.
РАБОТНИЧКИ – ТФТ 77:85
„Гостите“ имаа скоро постојано водство во првото полувреме. Со серијата од (9-1), стигнаа и до највисоката предност (33:25).Но колку што тешко стигнаа до таа позитива, се чини дека уште полесно кошаркарите на ТФТ и ја загубија.
Ефремовски постигна три тројки за краток временски период, најави пресврт, оној резултатски, кој и се случи. По неговата трета тројка, Работнички стигна до изедначување (35:35). А по онаа на Полутак, и до водство (38:37), кое во последниот напад од првото полувреме го „поништи“ Николов.
И постави конечни (39:38) за лидерската екипа во Првата „Мтел“ лига во 20.минути од играта на дерби дуелот на 6. коло.
Третиот период беше и најдобриот, најквалитетен дел од дербито. Вистинско шутерско шоу приредија „соседите“ во „Кале“. Серија на тројки на двете страни, „во режија“ на Ефремовски и Ѓуроски на едната, односно Говенс и Гринли на другата страна.
Крајниот „профит“ сепак беше за „црните“, кои се стекнаа со нова предност, сега од шест поени (66:60), со која влегоа во четвртината на одлука.
Имаа и повисоко водство (71:64), по тројката која ја даде Стојаноски. Но уште еднаш Работнички најде начин да се врати, со серијата од седум поени која ја иницираше нивниот најефикасен играч, Ѓуроски, (71:71).
Но тој момент од 34.минута беше и псоелдниот кој се опишува како „егал“. ТФТ имаше водство, но не така високо, кое по поените на Хот беше само „половина кош“ (73:74), кога за играње остана доста време, 3:51 минута.
Период во кој „бело-црвените“ подзастанаа, кошаркарите на ТФТ продолжија да погодуваат (тројки), што на крајот и го даде победникот. Онаа на Говенс беше победничка, за водство, недостижно (83:77) кога останаа да се доиграат само 69.секунди.
Четири од петте стартери завршија со двоен број на поени за ТФТ кој шутираше со 60% на успешност за три поени (12/20). Гринли заврши со 24.поени, Говенс имаше 19. Николов 13, Хаутон 10, а вредни се и оние три од тие 12 тројки кои дојдоа од младиот Стојаноски.
Одличниот офанзивен ефект на Ѓуроски изразен со 25.поени, како и оној на Ефремовски од 20.реализации (заедно 11 тројки од 20.обиди), остана без валоризација.
Свои моменти во домашниот тим имаа и Полутак, стрелец на 11.поени, и Шошкиќ кој дополни со 10, но Работнички остана на четири порази, сега има и два порази и покрај тоа што имаше исто така високи 45% (14/31) во обидите вредни за три поени.
Но без краен ефект – победа.
ПРВА „МТЕЛ“ ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 6.КОЛО
Работнички – ТФТ 77:85
МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар 96:90
Чаир 2030 – Вардар 104:80
Кожув – МКК Куманово 82:74
Шкупи – Тиквеш Голден Игл 85:82
Пелистер - Феникс 2010 110:93
ТАБЕЛА: ТФТ 12, Чаир 2030 11, Пелистер 11, МЗТ Скопје Аеродром 10, , Работнички 9 (-1), Кожув 9, Гостивар 8, Тиквеш Голден Игл 8, МКК Куманово 8, Шкупи 8, Феникс 2010 7, Вардар 6;
ИДНО КОЛО (16.11)
Тиквеш Голден Игл – Работнички
Вардар – МЗТ Скопје Аеродром
ТФТ – Чаир 2030
Пелистер – Шкупи
Гостивар – Кожув
МКК Куманово – Феникс 2010