10.07.2025

Машката кадетска селекција на Македонија овој викенд ќе ги има и првите проверки на сработеното 

Првите „контроли“ - патоказ како понатаму во периодот на подготовките

Во недела и понеделник, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, ќе гостува соодветната селекција на Црна Гора. Согласно со договореното, ќе бидта реализирани две пријателски средби во кои и двете кадетски репрезентации ќе имаат добра можност да ја проверат моменталната форма во пресрет на „главниот настан“, Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое од 7. до 16.август ќе се игра во Скопје.

Селекторот Нермин Пепиќ е задоволен од досегашниот тек на подготовките:

„Задоволен сум од почетниот дел од подготовките. Играчите се залагаат и се максимално посветени на тренинзите. Условите за работа ни се одлични, имаме климатизирана сала, суплементи, се што ни е потребно з аовој дел од подготвителниот период, момците се два до три пати неделно во салата за кревање на товар...“- вели Пепиќ.

Со оглед на краткиот временски рок, овие две средби се од типот на „идеални“, смета предводникот на селекцијата „Под 16“:

„Во екипата владее позитивна атмосфера, и со нетрпение ги очекуваме дуелите со Црна Гора. Пред се, да видиме што сме сработиле, и исто така на што повеќе да обрнеме внимание во следниот период кој е краток. Пред се, поради учеството на Европската Олимпијада за играчи ‘Под 16’ години која од 20. до 26. јули се игра во Куманово, и на која за противници ќе ги имаме Франција, Турција и Летонија, кои се наоѓаат во нашата група“.