01.11.2020

За прв пат во околности за кои малку може да се наречат кошаркарски...

Прво коло, големо дерби: Работнички на едната, МЗТ Скопје Аеродром на другата страна

Без брзање, а со вистинска и целосна поддршка на државните протоколи кои максимално ќе ги заштитат здравјето на сите поединци вклучени во кошаркарскиoт спорт, вчера и официјално почна новата сезона во Првата лига-мажи.

По 29. пат во историјата, стартуваше нашето најквалитетно натпреварување. Но, и за прв пат во едни околности за кои малку може да се наречат кошаркарски. Пандемијата која ја предивика коронавирусот, нанесе голема штета на сите вклучени актери во кошаркарскиот спорт.

18.00: Работнички - МЗТ Скопје Аеродром

Шефот на стручниот штаб на Работнички, Димитар Мираковски, како и неговите други колеги, посакува, секако, колку е тоа возможно, сето ова со кое се соочуваме во изминатиот период да го оставиме назад во минатото. Да мислиме малку повеќе на кошарката, во обид да се тргнеме од она не баш идеално секојдневие.

„Една нова ситуација и начин на живот на кој сите се обидуваме да се прилагодиме колку е тоа возможно. Се обидуваме да функционираме колку тоа го дозволува здравствената ситуација. Знаеме дека први имавме случај на корона вирус. И штотуку почнати, мораше да одиме во 14. дневна изолација. Потоа се појавија и некои повреди. Дури сега, за првпат во текот на неделава тренираме комплетни. Меѓутоа, кога доаѓа МЗТ, се заборава на се. Се стискаат заби и се игра на максимум, тоа е она што го очекувам од играчите. Шансите се израмнети, празна сала, по неколку нови играчи, непознаница во каква форма сме, бидејќи одигравме само два контролни натпревари. И тоа е сè од март до сега. Посакувам на сите играчи,тренери, пред се, здравје да нè служи годинава. И надеж дека што побрзо ќе заврши ова, и повторно ќе играме пред полни трибини за да ги радуваме сите искрени љубители на кошарката“.

Ѓорѓи Кочов, првиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром посакува, пред сè, сите чинители во кошаркарскиот спорт да бидат здрави и живи, а потоа да се зборува за кошарката, и она што со себе го носи овој дуел во „Градски парк“.

„Кога сме кај очекувања од сезоната, мојата првична и најголема желба е да сите останеме здрави и живи. Сметам дека тоа треба да биде примарната цел на сите. Навистина испраќам искрено сочуство до сите наши сограѓани кои изгубија некој свој близок во борбата со корона вирусот. Исто така, сакам да изразам големо сочуство до можеби еден од нашите најголеми фанови и подржувач, и кој изминативе денови го загуби својот син поради корона вирусот. Професорот скоро и да нема пропуштено наш тренинг во изминативе четири години. Најдлабоко сочувство до него и до неговото семејство.

Следно е да се почне и да се доигра сезоната до крај, и во надеж дека следната сезона ќе играме и тренираме кошарка во нормални услови. Корона вирусот го промени светот, а  го натера професионалниот спорт да импровизира. 

Натпреварот со Работнички доаѓа во време кога и двете екипи ќе се сретнат во момент на ненатпреварувачка  форма, згора на тоа без присуство на публика. Последниот натпревар го одигравме пред скоро  месец и половина  а бевме и во 14. дневен  карантин. Тренираме некои десет дена.  Да беше некој друг натпревар , а не градско дерби, ќе кажев дека  нема големо значење. Меѓутоа, играме против градскиот ривал кој направи навистина одличен тим. Ако го исконтролираме нивниот скок и шут за три поени, мислам дека ќе славиме во ‘Градски парк’. Ќе дадеме сè од себе да тоа биде така. Но најбитно ми е да останеме здрави до тргнувањето за Златибор каде ќе одиграме четири меча за девет-десет дена. Нашиот фокус е таму, навистина се надевам дека нема да имаме ново инфицирани играчи, бидејќи темпото на играње ќе биде навистина пеколно“ – гласат желбите и очекувањата на Кочов во пресрет на големото дерби на македонската кошарка.

16.00: МЗТ Скопје Уни Банка - Еуро Никел 2005

А два часа порано, во СЦ „Јане Сандански“ на теренот ќе се појават екипите на МЗТ Скопје Уни Банка и Еуро Никел 2005.

„Навистина е тешко да се разговара за остварување на поцртаните цели, кога е доведено во прашање одржувањето и текот на целокупната сезона за која се надевам дека ќе помине се во најдобар ред, и дека сите ќе останат здрави, имајќи ја во предвид целокупната ситуација со пандемијата. Што се однесува до мојата екипа, имам само позитивен став. Сметам дека овој проект кој е започнат од претходната година е добар, и одлична прилика за создавање на школувани нови млади играчи. Како најмлади во лигата, секој нас противник е предизвик и искуство плус!“ – стои во најавата изречена од Борче Даскаловски, тренерот на МЗТ Скопје Уни Банка.

Горан Самарџиев, предводникот од клупата на Еуро Никел 2005, изразува надеж дека овој почеток на сезоната ќе донесе само позитивни моменти. И дека максимално го респектира својот денешен противник.

„Како прво, морам да кажам дека комплетната екипа се тестираше, и сме негативни. И среќни сме што конечно ќе почне лигата, без разлика со немавме прилика да играме пријателски натпревари. Што да кажам за МЗТ Скопје Уни Банка? Тоа е млад тим, со одличен тренер кој игра добра кошарка и секој што ќе мисли дека ќе ги добие лесно - се лаже... Ние ќе настапиме максимално мотивирани и подготвени. Им посакувам добро здравје на сите кошаркари од сите тимови, и да порачам, сите да се чуваме“ - порачува Самарџиев.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 1. КОЛО

ТФТ – Куманово    82:83

Академија ФМП – Гостивар      84:75

ДЕНЕСКА:

16.00: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005 (стрим)

18.00: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром (МТВ 3)

Вардар – Црн Дрим Грин Мобил        одложено

Кожув – Пелистер одложено