27.10.2020

Куманово го доби македонското дерби со скопски ТФТ (90:83)

Прво коло во БИБЛ лигата: Првата балканска битка за кумановци

Конечно, кошарка, и тоа меѓународна кошарка во нашата земја. Во првиот круг од БИБЛ лигата, односно онаа „балканска“ група, на распоредот беше дуелот на двата наши претставници во ова натпреварување.

Во Куманово, пред празни трибини во салата на економското училиште„Перо Наков“, гостуваше дебитантот во македонската Прва лига, екипата на ТФТ од Скопје.

На крајот, по 40.минути, во најголем дел, рамноправна игра, славеа домашните кошаркари.

Куманово – ТФТ    90:83

Кошаркарите на Куманово имаа убедлива предност по истекот на првите 20.минути. Водеа „сино-белите“ од Куманово со убедливи (50:38) по првиот дел од играта.

Но во третата четвртина, гостите од Скопје игра многу подобро. И до крајот на третата четвртина симнаа поголем дел од двоцифрената негатива. На влезот во последниот период, Куманово водеше со плус од само три поени (66:63). А интересно, четворица домашни кошаркари, Марковски, Црниќ Робев и новакот Бојанов, имаа по десет реализирани поени.  

Слично беше и на другата страна од теренот, каде со 19. реализации, поентерски доминираше Андерсон, стрелец на 19.поени.

Херис и Сапунџиев имаа по 13. реализации...

Во оној решавачки дел, во 33. минута, преку американскиот двоец Смит-Шелман, ТФТ дојде до егал резултат (70:70), потоа и (74:74). Но тројката на Двојаковски, го одалечи Куманово на плус 5 (79:74), на 4:30 минути пред крајот. Две минути подоцна, Андрејевиќ покачи за уште еден поен, на (84:78).

Но Херис со тројка, и Сапунџиев со три (од четири) реализирани слободни фрлања, одново ја вратија драматиката во македонското дерби на Балканската лига, за (84:82).

Во последната минута од играта, се влезе со (86:82), откако Робев беше успешен од линијата за слободни фрлања. Со својот 20.поен, Андерсон намали на (83:86). Но Андрејевиќ со четири поени по ред ги симна сите дилеми околу победникот на балканската премиера во Куманово.