Прволигашките друштва во сениорските конкуренции претстојниот викенд ќе ги одиграат последните натпревари за календарската 2017 година. Во женската конкуреција, дамите ќе ги одиграат натпреварите од осмото коло додека за мажите тоа ќе биде единаесеттото коло.
Дамите ја започнаа сезоната со шест екипи вос ениопрска конкуренција. Во прволигашката конкуренција се пријавија актуелниот шампион Бадел 1862, освојувачот на трофејот од Купот Вардар, полуфиналистот од Купот Пелистер, полуфиналистот од минатосезонскиот плејоф Шкупи, Струга 2009 и Трокал кои минатата сезона ја завршија на шестото односно на осмото (последно) место. Две кола беа потребни за да Бадел 1862 повторно ја наметне својата доминација и исто толку кола беа потребни за да Шкупи се откаже од понатамошното натпреварување. Во остатокот од првенството кај дамите се натпреваруваат само пет екипи. Во осум одиграни кола, Бадел 1862 нема запишано ниту еден пораз и со 14 освоени бодови стои на врвот на табелата. Втори се кошаркарките на Вардар кои имаат само два пораза, двата запишани во дерби натпреварите против прворангираните Баделки. Трокал од друга страна пак сè уште ја нема запишано првата победа за тековната сезона. Струга 2009 е третопласирана со две победи пред Пелситер кој има три победи, но и натпревар помалку. Во рамки на последното коло за оваа календарска година, предвидено да се одигра претстојниот викенд, Пелистер ќе ги нагости кошаркарките од Бадел 1862 додека Трокал ќе брка прва победа в Скопје против Вардар.
ДВОЈКИ 8. коло ПЛЖ
Пелистер – Бадел 1862
Вардар – Трокал
Слободна е екипата на Струга 2009
Во машката сениорска конкуренција по десет одиграни кола само Работнички нема запишано пораз. Центарци уживаат долга серија исполнета со победи на која ниту лутиот градски ривал МЗТ Скопје Аеродром во дербито од предминатото коло не успеа да стави крај. Второрангирана е Блокотехна, клубот за кој оваа сезона е прва во ’елитната’ конкуренција. Клубот од Гевгелија запиша само два пораза во досегашниот тек од сезоната, еден од Работнички во битката на (дотогаш) непоразените како и од Куманово во минатото деветто коло. Бод помалку и победа помалку има Гостивар, кој повторно е дел од прволигашката конкуренција. Четвртото и петтото место на табелата го делат Куманово и Фени Индустри со ист број на бодови (16), а суперлигашката шестрока (засега) ја заокружува актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром. Во долниот дел од табелата овогодишниот освојувач на Купот Карпош Соколи се наоѓа веднаш зад МЗТ Скопје Аеродром пред АВ Охрид кој има два бода помалку (13). На табелата следат Шкупи, Пелистер и Кожув кои имаат по две победи односно 12 бода. На дното на табелата стационирана е Струмица со само една победа.
Во рамки на последното коло за оваа календарска година, Шкупи ќе го нагости Кожув, Гостивар ќе се надигрува со Куманово, а Карпош Соколи ќе гостуваат кај АВ Охрид. Блокотехна ќе бара враќање на победничките патеки пред домашната публика против кавадарчани додека прворангираниот Работнички ќе ја нагости последнорангираната Струмица. Натпреварите е епредвидено да се одиграат претстојниот викенд. МЗТ Скопје Аеродром ќе го заокружи минатото коло дури в понеделник со натпревар против Кожув кој беше одложен.
ДВОЈКИ 11. коло ПЛМ
Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром
Шкупи - Кожув
Гостивар - Куманово
АВ Охрид - Карпош Соколи
Блокотехна - Фени Индустри
Работнички – Струмица