10.11.2018

Одиграни првите пет кола од ПЛМ 2018/2019

Работнички и Блокотехна и во тековната сезона непоразени по пет кола

Идентично како и ланската 2017/2018 сезона, екипите на Работнички и на Блокотехна немаат запишано пораз во домашното првенство, во Првата лига во машка сениорска конкуренција по пет регистрирани кола.

Тековната натпреварувачка сезона во Првата лига (мажи) натпреваруваат единаесет екипи кои по 132 одиграни натпревари ќе се борат за дваесет и седмиот трофеј во оваа конкуренција во Република Македонија.

Актуелниот шампион Работнички кој минатата сезона ја освои јубилејната петнаесетта титула во досегашниот тек на првенството одигра четири натпревари (слободен петто коло) и запиша максимални четири победи и тоа против екипите на АВ Охрид (44-94), Пелистер (95-56), Кожув (102-75) и против Куманово (70-82). Екипата на Блокотехна пак, која минатата сезона дебитира во најсилната македонска машка лига славеше против МЗТ Скопје Аеродром (87-78), Фени Индустри (66-76), Пелистер (97-69), Шкупи (128-47) и против Вардар (67-88). Двете засега непоразени екипи ќе се пресметаат меѓусебе во осмото коло, во салата „Негорски Бањи“.

Само еден пораз има ланскиот вицешампион МЗТ Скопје Аеродром во досегашниот тек на сезоната 2018/2019, запишан во првото коло против Блокотехна. Во наредните четири натпревара „металците“ запишаа четири победи.

Фени Индустри, Куманово 2009 и Кожув имаат идентичен скор од по три победи и два пораза, а екипата на Гостивар има две победи и два пораза. Првиот триумф оваа сезона кошаркарите на Пелистер ја запишаа со службен резултат од 20:0 против екипата на Шкупи. Чаирчани, заедно со АВ Охрид и Вардар сè уште се без триумф, со по четири порази запишани на четири одиграни натпревари.

Следното шесто коло, кое ќе се игра тековниот викенд, ќе донесе пет нови возбудливи натпревари меѓу кои и вечното градско дерби помеѓу лутите ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички. Блокотехна ќе се обиде да го задржи перфектниот ритам против Гостивар, Фени Индустри ќе го нагости АВ Охрид, битолчани ќе разигруваат со кумановци додека Шкупи и Вардар со меѓусебен дуел ќе бркаат прва победа во оваа сезона.