05.11.2017

Работнички и Блокотехна непоразени и по пет кола

По пет одиграни кола во Првата лига (МАЖИ) екипите на Работнички и Блокотехна се со максимален учинок од пет победи. Двете екипи ги совладаа своите противници Шкупи односно Гостивар во неделната агенда од петтото коло оставајќи ги зад себе на табелата десетте преостанати екипи кои се натпреваруваат во Првата лига.

Во првиот натпревар на денешната агенда, оној помеѓу Блокотехна и Гостивар, двете екипи максимално мотивирани излегоа на паркетот во „Негорски Бањи“ имајќи предвид дека по завршување на натпреварот само една екипа ќе биде без пораз по пет кола. Домашниот состав доминира уште во првиот период од натпреварот. Предноста полека, но сигурно се зголемуваше на семафорот. И покрај обидите на гостинскиот состав, разликата не беше анулирана. Блокотехна беше во водство во текот на целиот натпревар и на истекот на четириесеттата минута ја запиша и петтата победа во исто време нанесувајќи им го првиот пораз на противниците од Гостивар.

Блокотехна – Гостивар 85-59 (22-17, 19-16, 27-8, 17-18)
СТРЕЛЦИ
Блокотехна: Младеновиќ (6поени), Главчев (7), Мијатовиќ (25), Казарновски (10), Двејн (18), Аврамовски (3), Малори (13), Дујковиќ (3)
Гостивар: Тасовски (6поени), Димчевски (15), Зекири (15), Тодоровиќ (2), Сегариќ (19), Павловски (2)

Во рамки на вториот натпревар од неделната агенда се пресметаа екипите на Шкупи и Работнички. Шкупи за првпат во кошаркарската елита на Република Македонија заигра на домашен терен, но избраниците на Енвер Мифтари не успеаја да ја израдуваат домашната публика. Најтрофејните од „Градски Парк“ ја однесоа петтата победа во натпревар кој изобилуваше со реализирани поени зад линијата за 6,75 метри. За Шкупи, денешниот пораз воедно е и петтиот од пет одиграни кола.

Шкупи – Работнички 85-103 (20-31, 17-26, 19-28, 29-18)
СТРЕЛЦИ
Шкупи: Мемет (11поени), Булатовиќ (3), Ристов (5), Тејлор (29), Харис (18), Ристовски (4), Мехмед (6), Атанасов (7), Гулески (2)
Работнички: Костов (27 поени), Гинјард (37), Робинсон (7), Крстевски Б.(2), Чековски (16), Николиќ (2), Деолски (3), Крстевски Д. (9)