05.06.2019

Работнички ќе ја брани титулата против МЗТ Скопје Аеродром

Шампионската титула во домашното првенство, освоена пред нешто повеќе од 365 дена, кошаркарите на Работнички ќе ја бранат во финалната серија од плејофот против МЗТ Скопје Аеродром.

Регуларниот тек на сезоната лутите градски ривали го завршија како прво односно второ рангирани на табелата додека Блокотехна и Гостивар ја комплетираа полуфиналната четворка.

На „металците“ им беа потребни три натпревара за обезбедување на место во финалната серија. Избраниците на Ѓорѓи Кочов славеа против гостиварци со 87-68, 86-92 и со 87-77 во полуфиналната серија за конечни 3-0.
На „центарци“ пак им беа потребни дополнителни два натпревара за да во мајсторката одиграна синоќа на домашен терен во Скопје слават со конечни 3-2. Тие славеа на трите натпревара во Скопје, првиот го добија со 87-79, третиот со 91-73 и синоќешниот со 88-78. Блокотехна славеше на својот терен во Негорски Бањи со 85-58 и со 93-79.

Осумпати досега вечните ривали се сретнале во финалната серија од плејофот, а поуспешен е тимот од скопската општина „Центар“ (Работнички – 5 титули од финален дуел со МЗТ С.А.; МЗТ С.А. – 3 титули од финален дуел со Работнички).

Работнички има петнаесет титули во домашното првенство, последната освоена минатата натпреварувачка сезона додека МЗТ Скопје Аеродром има освоено шест и тоа сите во низа во периодот од 2012 година до 2017 година.

Финалната серија од плејофот ќе се одигрува во ист систем како и полуфиналната – во три добиени натпревара односно подобар од максимум пет натпревара. Предвидено е натпреварите да се одиграат во деновите вторник-петок-недела.

Првиот натпревар ќе се одигра претстојниот петок, во големата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“ со почеток во 17:30. Натпреварот ќе биде пренесуван на првиот програмски сервис на националната телевизија.

Кошаркарската федерација на Северна Македонија им посакува фер игра на учесниците! Среќно!