03.11.2021

Вечните ривали вечерва (18.30) го отвораат шестиот круг од натпреварите во Првата лига

Радуловиќ: „Да покажеме шампионски дух и карактер“; Марковски: „Да го испочитуваме договореното“

Вечерва во големата сала на Спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе се одигра уште едно големо дерби на македонската кошарка. Она најголемото, во кое на едната страна од теренот од 18.30 часот (пренос МРТ) ќе се појави бранителот на титулата, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, а на другата, вечниот опонент – Работнички.

По вкупно 157 пат во историјата ќе треба да одлучат која од нив е подбрата во овој момент. Историјата вели дека Работнички има 91, а МЗТ Скопје Аеродром 65 победи во овие пресметки.

Но тоа е делот од историјата...

Што вели „сегашницата“, одговор побаравме од шефот на стручниот штаб на екипата од Аеродром, Дарко Радуловиќ:

„Се знае што следува вечерва, дерби најголемо во Македонија. Тоа значи дека фаворитска улога постои само на хартија... Овие натпревари ги добива поголема желба, мотивација, фокус... Работнички покажува дека е многу сериозна екипа, како што најави на Суперкупот. Водени од неколку главни и неколку играчи од улога. Играат доста борбено, мобилни се и секогаш се на максимум. Останува ние да бидеме на максимум. Да покажеме шампионски дух и карактер, мотивација и одлучност за да се добие вечното дерби“- вели тренерот на „металците“, Дарко Радуловиќ.

Токму на оној прв меч во оној официјален почеток на сезоната, изменетитое состав на Работнички покажа дека може да биде сериозна конкуренција на актуелниот бранител на шампионската титула. И овој меч ќе треба да даде уште појасна слика за вистинските можности за тимот кој го состави Тони Симиќ, во кој улогата на капитен му припадна на Горјан Марковски.

„Без разлика на фактот што МЗТ Скопје влегува како фаворит во вечерашниот натпревар, ние одиме максимално мотивирани. Ако го испочитуваме договореното и одиграме како на последниот натпревар, имаме шанса за позитивен резултат. Дербито го очекуваме по исклучително тешкиот меч против ТФТ, но имавме неколку денови да се подготвиме за она што следува“.

Марковски нема проблеми со емоциите...

„Што се однесува до мене, во мојата кариера, поминав неколку сезони во МЗТ Скопје. Но заминав оттаму пред пет години. Оттогаш одиграв многу натпревари против нив, со различни екипи, така што емоциите се веќе -минато”- порача Марковски.

Поради обврските во АБА 2 лигата, нашиот втор претставник, екипата на Пелистер, својот натпревар од ова 6. коло, против Куманово 2009 ќе го одигра на 5. ноември (петок). Три натпревари се играат во саботниот термин: ТФТ-Ангели, Кожув – Еуро Никел 2005 и Навико Акадмеија ФМП-МЗТ Скопје Уни Банка. Последниот натпревар е закажан за недела, од 12. часот, а ќе играат Феникс 2010 и Гостивар.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 6. КОЛО

ДЕНЕСКА.

18.30: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички (МРТ)

Голема сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/2EWnbmd1sdk

5.НОЕМВРИ (ПЕТОК:

18.30: Пелистер – Куманово 2009

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

https://youtu.be/MOLPmcZ1dOo

​6. НОЕМВРИ (САБОТА):

14.00: ТФТ – Ангели

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

https://youtu.be/2M-FYBFD-zQ

17.30: Кожув – Еуро Никел 2005

Сала „26.април“ – Гевгелија

https://youtu.be/R-5m-X4GPOw

19.00: Навико Академија ФМП – МЗТ Скопје Уни Банка

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

https://youtu.be/QnG_RtFPRUE

7. НОЕМВРИ (НЕДЕЛА):

12.00: Феникс 2010 – Гостивар (МРТ)

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ - Скопје

https://youtu.be/Dcu0UINTI5o