06.06.2021

Младиот тренер го донесе МЗТ Скопје Аеродром до двата пехари во сезоната 2020/2021

Радуловиќ по освојување на двојната круна: „Ние сме МЗТ и го покажавме тоа“!

За неполни три месеца откако го презема кормилото на „сино-белите“,, Дарко Радуловиќ го предводеше тимот на МЗТ Скопје Аеродром до додавање на уште два трофеја во клупските витрини и тоа трофејот од Купот и шампионскиот трофеј.
Првин „штрковите“ го освоија Купот „Благоја Георгиевски Буштур“, а речиси еден месец подоцна со 3-0 во финалната серија од плејофот против тимот на Еуро Никел 2005 ја освоија и осмата шампионска титула. Тренерот Радуловиќ е задоволен од својот тим, за кого вели дека го прифатил предизвикот да се носи со сиот притисок на еден шампионски клуб.

„Многу сум среќен од исходот, нормално. Презадоволен сум од пристапот на играчите, од професионалниот однос и од срцето што го покажаа. Цела сезона игравме под притисок дека имаме поголема клупа, а ние играме со иста ширина како на противникот. Меѓутоа, ние сме МЗТ и го прифативме притисокот да биде на наша страна и на крајот покажавме зошто е тоа така.“ - истакна Радуловиќ.

Капитенот на тимот, Дамјан Стојановски, вели дека крајниот резултат (3-0 во натпревари) воопшто не го отсликува квалитетот на противникот.

„Би сакал да им честитам на играчите на Еуро Никел за пружениот отпор, беа тежок противник. Знаеја како да играат, имаат искусни играчи на чело со Горан Самарџиев. Затоа ни беше тешко во серијата. Иако 3-0 скорот не го кажува тоа, сите натпревари завршија со 2-3 поени разлика што доволно говори за тоа каков противник е Еуро Никел. Ова е успешна сезона за нас, и психички и физички со оглед на пандемијата. Сега ни преостанува да одмориме па ќе видиме понатаму што ќе биде.“ - вели репрезентативниот бек.

Олуфеми Олуџоби, еден од странските ’сили’ во тимот, е прегорд на своите соиграчи со чија помош успеал да стигне до првиот шампионски трофеј во Европа.

„Искрено, ни олесна што заврши сезонава. Еуро Никел беа цврст противник, кој до крајот не се предаваше. Моравме да се се бориме напорно и со сите сили против нив. Прегорд сум на тимот, ова е неверојатно чувство. Прв шампионски трофеј ми е овој во Европа и се надевам нема да биде последен. Имавме успони и падови, но секогаш бевме сплотени и затоа ја освоивме титулата. “ - потенцира Олуџоби.