Долго време ја чекаа и на крајот кошаркарите и стручниот тим на Астана ја дочекаа првата победа во ВТБ лигата во оваа сезона.
И тоа каква, на гостински терен во Московскиот Регион, беа за еден, ама злато вреден поен, подобри од Химки (89:88).
За огромно задоволство на сите во таборот на шампионот на Казахстан, особено кај првиот тренер, Емил Рајковиќ.
„Да ги поздравам моите играчи, кои ги реализираа сите тактички решенија, и она што го работевме на тренинзите. Останаа дисциплинирани до крајот, веруваа во овој успех, на крајот дојдовме до него“ – коментира нашиот стручњак по првиот триумф во новото издание на ВТБ лигата.
За тимот од Нур Султан дури може да се каже и историски. За прв пат беа подобри во дуелите со Химки, кој едвај се екипираше за овој меч, по проблемите кои ги имаа со корона вирусот.

„Им посакувам на сите во Химки што побрзо да се вратат во формата која ја прикажуваа од почетокот на сезоната. Ова е голема, ѕвездена победа, ова е прва победа на Астана во гости над Химки за целото време откако го водам овој тим, и многу сум среќен со овој резултат. Пред нас е натпревар на гости со Автодор. Не се враќаме во Нур-Султан, туку одиме директно во Саратов за да имаме повеќе време да се опоравиме. Се надевам дека ќе имаме добра игра и таму“- потенцираше Рајковиќ пред продолжението на патувањето низ Русија.