11.10.2024

Нашата делегација ќе разговара за можноста да ги имаме на располагање Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс за ноемвриските дуели со Литванија

Раководството на федерацијата во Милано, во разговори со челниците на Олимпија и Париз

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ, заедно со генералниот секретар Владимир Георгиевски, спортскиот директор Марјан Србиновски и селекторот на машката сениорска репрезентација, Александар Јончевски, деновиве престојуваат во Милано каде што вечерва ќе го следат „во живо“ дуелот меѓу Олимпија и Париз, во рамките на второто коло од Евролигата.

Тоа ќе биде директен дуел на македонските репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс што е и главната причина за присуството на раководниот тим на нашата федерација во „градот на модата“.

На прес-конференцијата, одржана пред две недели, претседателот Антиќ најави дека ќе биде во Милано за да разговара со раководството и стручниот штаб на Олимпија околу можноста Ненад Димитријевиќ да настапи на претстојните квалификациски дуели против Литванија, во ноември.

Воедно, ова е можност да се зборува и со Шортс, како и со стручниот штаб на Париз, за идните планови, но и обврски на нашиот репрезентативец, кој оваа сезона, исто како и Димитријевиќ, за прв пат игра во најсилното европско клупско натпреварување.