03.03.2021

Квалификации за Евробаскет 2022

Раководството на КФСМ и селекторот Тодоров одржаа прес-конференција

Раководството на Кошаркарската Федерација, Претседателот Перо Антиќ, Генералниот секретар Владимир Георгиевски и Спортскиот директор Тодор Гечевски заедно со селекторот на машката сениорска репрезентација Александар Тодоров (преку интернет видео врска) одржаа прес-конференција на која зборуваа за квалификациите за Евробаскет 2022 кои се одржаа во месец февруари.

Сениорите не успеаја да се пласираат на континенталниот собир закажан за 2022 година, а во рамки на квалификацискиот циклус запишаа две победи.

„Ние уште од кога дојдовме на чело на федерацијата имаме притисок. Продолжуваме понатаму како и да е, знаеме кои медиуми и зошто го прават тоа и нека им е на чест. После еден пораз фрлаа со дрва и камења, а веднаш потоа ставот да се смени и да ’викаме браво’. Нека се удира по нас, оставете ги кошаркарите да играат на теренот. Сме биле играчи знаеме колку е важна поддршката од сите страни. Резултатите на крај остануваат на нив, на играчите и на селекторот,  не можеме ние да влеземе на терен и да играме наместо нив. Ние како федерација ги овозможивме сите услови на репрезентацијата, направивме сè што е во рамки на нашите можности. Не размислувам за оставка“. –истакна Претседателот Перо Антиќ.

Селекторот Александар Тодоров накратко ги прокоментира квалификациите.

„Чувствата се измешани, не успеавме да се пласираме на Европското првенство, но има и причина за задоволство. Посебно од аспект на доведување на нови лица во репрезентацијата, како и начинот на кој игравме на двата натпревари против Италија и оној против Естонија. Нема што да се прави, продолжуваме понатаму. Јас сум оптимист затоа што во иднина сите кошаркари кои сега имаат 17-18 години ќе бидат поискусни и верувам дека со помошта на поискусните играчи Македонија нема да има проблем да се пласира на наредното Европско првенство. Репрезентацијата горе-долу е таа“. – објасни Тодоров.

Се наметна и прашањето околу договорот со селекторот Александар Тодоров.

„Договорот на Александар Тодоров потенциравме уште кога одржавме прес за негово претставување како селектор дека е врзан со пласман на Европското првенство, на кое за жал не се пласиравме. Сепак, го чекаме извештајот од селекторот кој треба да стигне наскоро. Потоа ќе има состанок на раководството и заедно ќе одлучиме дали договорот ќе биде продолжен. И кај нас се поделени чувствата во врска со овие квалификации. Момците покажаа карактер и тимска игра. Бевме блиску и до победа против Русија, но најверојатно неискуството и невоиграноста пресудија за да резултат биде таков каков што беше и да не се пласираме. На нас останува да продолжиме да работиме со младите, да организираме семинари и за нашите тренери, па на претквалификациите за Светското првенство во август да се покажеме во подобро светло“ – вели Тодор Гечевски.