Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија вчерашниот ден (четврток, 27. јуни) го искористи за состанок со претставници од Општина Струмица.
Градоначалникот на општината, Коста Јаневски, ги нагости Претседателот Перо Антиќ, Спортскиот Директор Тодор Гечевски и Комесарот за натпреварување Лазар Гечевски. Присутен беше и Советникот за спорт при Владата, Даниел Димевски со својот колега Ѓорѓи Тасев.
На состанокот се говореше за обновување на кошаркарската традиција на градот во кој се славеше шампионската титула во домашното првенство во сезоната 2006/2007.
Мислите на раководството на КФСМ се насочени кон развивање на кошаркарскиот спорт во сите градови ширум Републиката, а целта ќе биде остварена со меѓусебна соработка и со вложени напори од сите заинтересирани страни.