23.02.2020

Рецепт за успех против Русија, да го неутрализираме нивниот атлетизам и да погодуваме од далечина

Селекторот Александар Тодоров бара опуштена игра против фаворитот во меч во кој можеме само многу да добиеме... Верува дека неговите избраници може да го покачат процентот на реализација на рeспектабилна бројка...

 

Во малку изменет и ослабен состав дојдовме во Перм, да (по) бараме изненадување во дуелот со Русија.

А во далечниот ни Перм, дојдовме без повредениот Ненад Димитријевиќ,неговото место ќе го пополни Виктор Ефремовски, еден од дебитантите на оној список од 15.кошаркари кои ги одработија подготовките за овој февруарски квалификациски циклус.

Паднавме со Естонија во Скопје, очекуваме „црвено-жолтите“ да бидат многу подобри против можеби и топ-фаворитот во нашата квалификациска група. Без оглед на нивниот непланиран пораз на гостувањето во Неапол против Италија.

За денешниот дуел со Русија, селекторот Александар Тодоров вели дека тоа ќе биде дуел на две разочарани селекции.

„Натпревар на две екипи кои претпреа порази на првите натпревари. Ние се надевавме дека ќе победиме против Естонија, а сигурен сум и во тоа дека и Русија се надеваше на победа во дуелот со Италија. Па така ова ќе биде дуел на две екипи кои прилично разочарани ќе влезат на тој натпревар. Можеби за нас овој е натпревар во кој можеме да влеземе многу поопуштени, затоа што играме на гостински терен. Апсолутно нема што да загубиме. Играме против противник кој е многу поатлетски од нас. Само за потсетување колку проблеми имавме во рекетот и на тие скокови во нападот, по кои примивме дури 15. поени во првото полувреме. Така да, тоа е некаде каде што би барал некоја наша шанса, односно да ги неутрализираме тие нивни силни сегменти. Нормално, не со процент на реализација од 26% за три поени. А мислам дека оваа екипа е способна да ’извлече’ еден натпревар со 40-45% во шутот за три поени.  За жал во тоа не бевме успешни на средбата со Естонија“- смета Тодоров.

Љубомир Младеновски не играше многу против Естонија, но секако, ќе ги чека своите минути на гостувањето во Русија.

„Првиот меч не го дадовме она што знаеме и умееме. Можеби бевме и малку во грч бидејќи бевме премногу мотивирани. Салата во Скопје после подолго време беше исполнета. Како и да е, овие квалификации не се завршени за нас, продолжуваме со настапите почнувајќи од мечот со Русија. Јасно е кој е фаворит, но со убедливиот пораз од 19 поени на гостувањето против подмладената Италија, руските кошаркари покажаа дека не се непобедливи. Ние треба да излеземе на терен, да играме без притисок. Да дадеме се од себе и ако ни се укаже можност да се обидеме да приредиме изненадување“- вели центарот на нашата сениорска селекција.

 

Во однос на премиерата во овие квалификации во Неапол, „Зборнаја“ ќе биде посилна за две имиња на средбата во „Молот“ Арената. На располагање на селекторот Сергеј Базаревич му се ставија крилото на Зенит, Владислав Трушкин, како и крилниот центар на ЦСКА од Москва, Џоел Боломбој.

Мечот Русија-Македонија се игра во денеска, од 16.часот по македонско односно 20.часот, по локално време, во салата „Молот“ во Перм која прима 7.000 посетители.

Од ФИБА стигнува информацијата дека сите влезници за овој натпревар се распродадени. 

Русите велат дека ќе биде пренесуван на „Мач ТВ“, но и на официјалниот сајт на Руската кошаркарска федерација.

Во вториот натпревар од групата „Б“, од 18. часот, во Талин, Естонија ја пречекува Италија.

МИНИ ИСТОРИЈАТ НА ДУЕЛИТЕ РУСИЈА-МАКЕДОНИЈА

Еден податок, кој не е добар по нас, вели дека досега немаме победа против Русија. На последните пет мечеви против „зборнаја“ имаме исто толку порази.

Четири од нив се под пет поени разлика, а еден катастрофален, на 26.ноември, 1997 година кога загубивме со (73:116).

Секако, сеуште ги паметиме оние историски пресметки со Русите на Европското првенство во Литванија.

Во вториот круг од групната фаза, на 12. септември, 2011 година, Русија ја победи Македонија со (63:61), по една неверојатна тројка на Сергеј Мониа со звукот на сирената.

А шест дена подоцна, на 18.септември, во мечот за бронзениот медал на Евробаскетот, во арената во Каунас беше (72:68) за Русите.

Натпревар за вечно паметење, особено кај Дамјан Стојановски, чие неуспешно полагање не го одведе нашиот тим кон продолжение, и шанса да освоиме бронзен медал на историското Европско првенство.