Четириесет и два дена за подготовки ќе имаат репрезентатицвите до 20 години кои ова лето ќе се натпреваруваат на Европското првенство (дивизија Б) кое од 13. јули ќе започне во Софија, Бугарија.
Селекторот Никола Василев, заедно со членовите на својот стручен штаб, ги прозва кошаркарите кои одговорија на повикот. Репрезентацијата ќе тренира в Скопје до 6. јуни, а потоа ќе продолжи со подготовки во Маврово. Седум дена подоцна подготовките ќе продолжат в Скопје. Точно две седмици по официјалниот собир, младинците ќе ги одиграат првите пријателски натпревари и тоа против соодветната селекција на Унгарија. Натпреварите ќе бидат одиграни на 15. и на 16. јуни. Десет дена потоа, националната селекција до 20 години ќе отпатува за Црна Гора каде ќе одигра два пријателски натпревара на турнир на кој покрај домаќинот учество ќе земе и Русија.
Следуваат три дена одмор, па потоа пријателски двомеч со домаќинот на Европското првенство (дивизија Б) до 20 години – Бугарија, на 3. и на 4. јули на гостински терен. Три дена подоцна ќе ни гостува селекцијата на Романија со која младинците ќе одиграат уште два натпревара.
Вкупно осум натпревари ќе бидат одиграни во рамки на подготвителниот период кој води кон Европското првенство (дивизија Б) кое ќе да започне на 13. јули и ќе трае до 22. јули. Нашата селекција е сместена во групата А заедно со селекциите на Белгија, Летонија, Белорусија и Азербејџан.