09.06.2018

Репрезентативците до 20 години продолжија со работа во Маврово

Младинската репрезентација во полн ек се подготвува за Европското првенство (дивизија Б). Селекторот на репрезентацијата до 20 години, Никола Василев, заедно со своите советници и тренери асистенти во стручниот штаб Дарко Радуловиќ и Никола Божиноски како и Боро Даскаловски кој работи на физичката подготвеност, ги продолжија подготовките со репрезентативците во Маврово каде ќе останат до вторник (12. јуни). Неколку дена после враќањето во Скопје репрезентацијата ќе го одигра првиот пријателски натпревар во рамки на подготвителниот период - двомеч на домашен терен против Унгарија закажан за идниот викенд.

Десет дена потоа, националната селекција до 20 години ќе отпатува за Црна Гора каде ќе одигра два пријателски натпревара на турнир на кој покрај домаќинот учество ќе земе и Русија.

Следуваат три дена одмор, па потоа пријателски двомеч со домаќинот на Европското првенство (дивизија Б) до 20 години – Бугарија, на 3. и на 4. јули на гостински терен. Три дена подоцна ќе ни гостува селекцијата на Романија со која младинците ќе одиграат уште два натпревара.