Зад нашиот женски сениорски состав се веќе два одработени тренинзи во салата „Билјанини извори“ во Охрид. Иако некомплетни, и во очекување на приклучувањето на кошаркарките кои настапуваат во странство, кај нашите девојки постои оној оптимистички пристап потребен за реализација на планираните активности.
Нена Трајчевска е една од нашите најискусни кошаркарки во составот кој го одбра селекторот Владимир Ѓоровиќ.
„Дојдовме во Охрид со намера да одработиме најдобро што можеме во оваа недела која е пред нас. Од голема корист е што ќе ни се приклучат Митрашиновиќ, Николиќ и Бонер. Се надевам дека со нив три, ќе го подигнеме нивото на тренинзи. И дека по одработената недела во Охрид, атмосферата на тренинзите ќе ја пренесеме и на теренот, односно на натпреварите во Рига. Но пред сè, најважно ни е да останеме здрави сите. И со една цел – победа“ – вели Трајчевска.
Слично размислува и нејзината помлада колешка, Јована Петрушевска...
„Се надевам дека сите ние кои сме тука, ќе го дадеме својот максимум и најбитно од сè, да останеме здрави во една ваква ситуација со корона вирусот. Во овие квалификации ќе бидеме засилени со три доста квалитетни играчи како што се Бонер, играч во WNBA лигата, Матеа Николиќ, и нашиот капитен Митрашиновиќ. И дека ќе бидеме многу подобри во однос на минатите квалификации“ – се надева нашето репрезентативно крило.
Согласно со планираното, нашата женска селекција останува во Охрид до 8. ноември, од каде се патува за Рига. Местото каде на 12, односно на 14. ноември ќе го одиграме двата меча од „И“ групата во квалификациите за ЕП 2021. За противници ги имаме селекциите на Хрватска и Германија.