08.11.2020

Таков е предлогот на менаџментот на Лигата на Балканот, и влегува во календарот на нашата Прва лига

„Реприза“ на македонското дерби во БИБЛ лигата, веќе на 11. ноември?

Сериозни проблеми донесе пандемијата која ја предизвика корона вирусот и во БИБЛ лигата.

И во ова натпреварување дојде до одредени поместувања во распоредот на натпреварите, па менаџментот на лигата мораше да интервенира во оној дел од овој месец.

Она што е важно е дека, вториот натпревар помеѓу двата македонски претставници во сезоната 2020/2021, Куманово и ТФТ ќе се одигра за два дена.

Односно на 11. ноември, а екипата на ТФТ ќе биде домаќин на кумановци.

Освен тоа БИБЛ ги одреди и новите датуми за одигрување на двете средби на нашите екипи против бугарскиот Берое.

Според новата програма-распоред на натпреварите, екипата од Стара Загора ќе му гостува на ТФТ во Скопје, на 19. ноември. А ден подоцна, на 20. ноември, ќе игра и со екипата на Куманово 2009.

Во овие два термини нашите претставници ќе бидат ослободени од обврските кои со себе ги носи играњето во македонската Прва лига.

Поради репрезентативната акција на нашиот сениорски тим, натпреварувањето во нашата елитна лига ќе биде прекинато по одигрувањето на 6. првенствено коло, а ќе продолжи на 5. декември, кога на распоредот е седмата рунда од натпреварите.  

НОВ РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО БИБЛ ЛИГАТА

11. ноември: ТФТ – Куманово

11. ноември: Теодо – Академик Пловдив

13.ноември: Ибар – Академик Пловдив

16. ноември: Теодо - Берое

17. ноември: Ибар – Берое

19. ноември: ТФТ – Берое

20. ноември: Куманово 2009 - Берое