Минатото лето ја искористи својата шанса. Имаше сосема добри настапи на кадетскиот Евробаскет во Удине. Момент повеќе за Резарт Мемед и да остане на „чизмата“.
Како играч на Аурора Јеси, каде и ја помина оваа сезона. За жал нецелосна, ако се знае дека Италија беше најпогодената европска земја со коронавирусот, кој сеуште не дозволува било какви кошаркарски активности.
Ситуација која кај нашиот кадетски репрезентативец донесе и некои добри работи, како што вели:
„Моја предност беше во овие денови кои се зад нас е што живеам во куќа, која што е лоцирана до отворено игралиште со сите услови за играње кошарка или други спортови. И секој ден, во одредено време, според мерките за движење донесени од владата, имам индивидуален тренинг обидувајќи се да останам активен и во форма. Другиот дел од денот, го поминувам со моето семејство, моите браќа, и морам да признавам, за мене ова е единствената позитивна страна на целава ситуација со пандемијава, бидејќи после речиси две години, прв пат имам толку слободно време да го поминам и уживам со нив“- вели Резарт за актуелниот миг на функционирање.
„Морам да кажам, имав многу среќа, што со помошта и ангажирањето на моите родители заедно со мојот клуб Аурора Јеси во Италија, успеав навреме да се вратам дома, пред да дојдеме до ситуација границите да бидат затворени, а со тоа и сите можности за враќање назад. За жал, за мене карантинот, почна уште во Италија, каде што веќе беа прекинати сите активности, и моравме да бидеме изолирани“.
Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?
„Оваа сезона бев потполно ангажиран во клубот во Италија и имавме добар старт и добри резултати од кои бевме задоволни и мотивирани да се бориме повеќе и посилно. Меѓутоа, како што знаете, Италија беше една од првите земји која што најтрагично ја дочека целава ситуација и за жал, кај нас, пред сите други европски држави, веќе сите активности беа стопирани и забранети. Сето тоа воведе до откажување на целата сезона и сите шампионати.
Како и да е, сметам дека беше успешна сезона додека траеше, и горд сум на резултатите кои што ги постигнав, како индивидуално така и како тим. Сепак, не е ништо во наши раце, и мораме да се помириме со фактот дека тоа така требало да се случи. Односно како што веќе имате и вие спомнато, тоа е ‘виша сила’. Наша должност е да ги почитуваме сите препораки за да го штитиме нашето здравје. И на нашите најмили, иако тоа значи дека не треба и не смееме да играме ни кошарка“.
Имаме неколку македонски кошаркари во Италија. Сметаш дека има простор да играат и во сениорска конкуренција во една од најсилните лиги во Европа?
„Да, точно е дека веќе неколкумина мои врсници, и деца од различни генерации играат во кошаркарски клубови низ Италија. Сметам дека сите ние сме дојдени, повикани од овие клубови бидејќи имаме посебен талент и голема желба за успех. Со многу работа, посветеност, и дисциплина, силно верувам дека сме на вистинскиот пат. И имаме многу високи шанси да бидеме дел од најjaките лиги во Европа и повеќе. Македонската кошарка секогаш имала таленти кои настапиле на светско ниво. Наше е само да ја продолжиме оваа традиција и гордост со наши настапи и успеси. Воедно, им посакувам многу среќа на сите тие деца и мои другари и другарки, и се надевам сите заедно многу брзо ќе бидеме дел од оние сениорски лиги“- вели еден од најстандардните репрезентативци во „класата 2003“.
Како понатаму, кои се твоите идни планови, секако откако ситуацијата во цела Италија, ќе се нормализира?
„Јас веќе неколку години сум дел од нашите репрезентативни тимови и морам да признаам дека ова ми е една од омилените обврски и ангажирања во кошарката. И моја неспорна цел е да бидам дел од сениорската селекција и да ја престaвувам нашата држава на европско, светско ниво. Тука би сакал да се надоврзам со претходната година, кога со У-16 селекцијата настапивме на кадетскиот шампионат во Удине. Тоа беше прекрасно искуство, чест, но и гордост да бидеш дел од таков настан на кој ја претставуваш својата држава.
Што се однесува до идните планови, во координација со мојот клуб во Италија, летната сезона ќе ја поминам дома, во Скопје. И веќе од наредната недела со олеснувањето на мерките, со помош и поддршка на мојот овдешен тренер Енвер Мифтари, имам планирано посериозни активности. Штом ситуацијата ќе се подобри, планот е да се вратам назад во Италија и да продолжам со вежбање и играње таму. Тажен сум бидејќи ова е прв пат, толку долго време да помине без кошарка и натпревари. Тие моменти многу ми недостасуваат. Но работам на мој персонален раст и развој, за да се вратам на терен посилен од кога било. Се надевам дека целава ситуација ќе помине што побрзо и сите ние можеме да се вратиме и да го направиме тоа што знаеме најдобро, а тоа е играњето кошарка“- смета Мемед, со надеж дека ова „лудило“ брзо ќе биде зад сите нас.