Уште една голема промена во литванската репрезентативна кошарка, сега и на највисоко тренерско ниво.
На седницата на Извршниот комитет на литванската федерација, одлучено е Римас Куртинаитис да биде нов селектор на една од најдобрите европски репрезентации.
Еден од најдобрите играчи во историјата на литванската кошарка, сега ја добива и првата тренерска позиција, а во пресрет на продолжението на квалификациите за Евробаскетот во 2025 година.
Неговата прва задача ќе биде креирање на стратегијата за литванската кошарка во наредните четири години.
„Најпрво да и се заблагодарам на Литванската федерација но и на тренерската асоцијација коми ми ја дадоа довербата. Не чувствувам некои преголеми емоции затоа што пред мене имам доста одговорна работа, и најголеми очекувања. Она првото е да се пласираме на Евробаскетот следното лето“ – изјави Куртинаитис по промоцијата за нов предводник на литванската сениорска репрезентација.
„Сега е доста тешко нешто да се прејудицира, затоа што сеуште не знаеме кој ќе биде тимот и како ќе одат нештата, и сите се доволно добро запознати со актуелната ситуација. Но сите заедно, и тренерите и играчите, ќе ги надминеме сите проблеми“ – нотираше Куртинаитис, кој официјалното деби како нов селектор ќе го има во Скопје, на 21. ноември, во дуелот со нашиот сениорски национален тим.
Интересно, овој 60. годишен стручњак во овој момент ја извршува функцијата на шеф на стручниот штаб на азербејџанскиот Сабах, каде на клупата го наследи македонскиот тренер, Никола Божиновски.