24.02.2022

Нашите момци се подготвени да ги надминат сите проблеми, и да се обидат да донесат два бода од Грузија

Ростерот променет, желбите исти – победа во Тбилиси (ВИДЕО)

Грузија е наш директен конкурент во битката за трите места во групата “Г“ од светските квалификации. И наш трет ривал во ова натпреварување, по оние дуели со селекциите на Шпанија и на Украина во ноемврискиот сегмент од светскиот квалификациски циклус.

Денеска од 16.часот (директен пренос на Спорт Клуб 2), Грузијците се во улога на домаќини, три дена подоцна, на 27. февруари во Скопје, следува своевидниот реванш.

Со сериозни проблеми и промени се соочи нашиот стручен штаб во креирањето на ростерот за овие мечеви од февруарскиот ФИБА „прозорец“ од квалификациите за Светскиот Куп.

Останавме без неколку важни играчи за овие два натпревари. Во Тбилиси имаме една сериозно подмладена селекција, која на теренот повторно ќе ја предводи капитенот Војдан Стојановски, кој по скоро едногодишна пауза се врати на кошаркарскиот терен.

Но не и селекторот Драган Бајиќ, кој поради позитивен тест на корона вирусот, остана во Скопје, што носи дполнителен хендикеп во реализација на амбициите.

Кои се очекувањата на Кристијан Николов, кој е веројатниот стартер на плејмејкерската пзоиција за дуелот во Тбилиси.

„Нема време за одмор, таков е календарот. Нема време за тоа. Кога е во прашање играњето за репрезентацијта тоа подразбира дека ќе дадеме се од себе. Дека ќе го дадеме нашиот максимум за позитивен резултат, се надевам – победа“.

Во последните десетина години Грузија е редовен учесник на ЕП, има играчи во НБА , Евролига. Колку се тие серизоен противник кога ги би биле во полн состав, иако е јасно дека денеска нема да биде така, дека им недостасувата првите ѕвезди во селекција?

„Да, во овие момени тоа е битно, но и не мора да значи ништо. Небитно е кој е во состав, а кој не е. Ние ќе излеземе на терен, да не се повторувам, ќе дадеме се што имаме за да го добиеме натпреварот, и да ја израдуваме целата нација“.

Колку може да биде проблем за нас ако се знае фактот дека имавте само два тренинга во Скопје, дека нема класични подготовки пред секоја натпревар. Дури и практично по два дена сте во Тбилиси. Потоа веднаш следува враќање за Скопје и дуел со истиот противник во групата „Г“ од Светските квалификации.  Колку тоа може да претставува голем напор за играчите?

Напор да, меѓутоа се добро знаеме со соиграчите, еден со друг. Долго време настапуваме заедно, добри пријатели сме надвор од теренот, и мислам дека тоа нема да биде најголем проблем. Најбитно од се е да излеземе на терен да дадеме максимум, па што биде нека биде“ – смета Кристијан Николов пред денешниот дуел со Грузија, закажан за 16 часот во спортската палата во Тбилиси.

Еден од оние кои во иднина треба да го потврдат репрезентативниот статус е Андреј Маслинко. Силно мотивиран за работа за игра, откако со својот ТФТ стигна до првиот домашен трофеј, оној во Купот на Македонија, ги чека своите минути во Тбилиси:

„Предизвик за нас е играњето со Грузија. Мора да одиме на победа, потребна ни е победа, и ќе дадеме се од себе за да ја оствариме целта и да поминеме понатаму. Ростерот е тој кој што е, и мора да се игра со тие што се тука. Тоа е тоа“.

Грузијците без ѕвездите, наша шанса за победа?

„Искрено да ви кажам, сеуште немаме направено скаутинг, и не можам да зборувам, како би рекол, предвреме. Сигурно е дека нема да се предадат, дека и тие ќе играат за победа. Како и да е, одиме на победа“

Триумф во Тбилиси би било чекор понапред во реализација на плановите кои се граничат со пласман во следната рунда од квалификациите за Светскиот Куп?

„Секако дека многу ќе ни значи, потребна ни е победа. Во Украина испуштивме победа, таму водевме во поголем дел од натпреварот, на крајот загубивме, и дефинитивно ни треба една таква победа на гости“- се надева високото крило во нашиот национален тим.

Свои размислувања пред овој трет меч од квалификациите, има и еден од најмладите во видно изменетиот состав на Македонија, Андреј Митревски:

„Секогаш настапот за националниот тим е желба на секој млад играч, да може што  побрзо да дојде до него. Сега е тој процес на промена на генерации, да доаѓа нова генерација, и младите играчи да имаат поголем удел во тимот“.

Што може да се очекува од дуелот со Грузија на гостински терен?

„Знаеме дека Грузија е квалитетна екипа. Дека се игра добра кошарка таму, Сега не знам дали од оние играчи кои настапуваат во Евролигата ќе бидат во нивниот ростер. Но тоа нас не треба толку да не засега тоа. Одиме силно и кај нив и во Скопје, па што биде – нека биде!“- вели Митревски.

Вториот натпревар од 3. коло од оваа група “Г' од квалификациите се игра во Хуен, каде од 20.45 часот, Шпанија ја дочекува селекцијата на Украина.