23.02.2020

РУСИТЕ ЈА РЕСПЕКТИРААТ МАКЕДОНИЈА

И Македонија и Русија, би се рекло и помалку неочекувано, загубија во првото коло од квалификациите за ЕП 2021 година.

 

И  поради тоа немаат право на нов неуспех, без оглед на тоа што Русите во мечот во Перм (од 16.часот по македонско време), влегуваат како апсолутни фаворити.

Едно од оние нови лица во рускиот состав, Павел Антипов смета дека тој и неговите соиграчи треба да извадат максимум од себе за да дојдат до планираната цел-двата бода.

„Македонската репрезентација воопшто не е слаба. Тоа што потекнува од славната југословенска школа зборува сама за себе. Ние се доведовме во ситуација да не смееме да загубиме ако сакаме да останеме во игра за пласман на Европското првенство.

Иако играме на домашен терен, еден од клучните фактори е периодот за подготовки. На пример, Македонците имаат два дена повеќе заедно што во вакви услови е голема разлика. Секој ден за заеднички тренинзи и подготовки е злато вреден“- изјави Антипов пред дуелот со Македонија во „Молот“ Арената во Перм.

Еден интересен податок вели дека, за последен пат во овој град Русите беа домаќини лани. На мечот против Финска, кој се одигра на 24. февруари 2019 година. Победија со убедливи (91:76),  макар што во првата четвртина имаа негатива од дури 18.поени, односно резултат, (10:28).