17.06.2025

Претседателот Томе Главчев ги искажа своите размислувања, визии поврзани сениорскиот тим и со актуелниот момент во федерацијата

„Сакам да бидам реален оптимист и дека брзо ќе ги надминеме сите проблеми“

Новиот претседател на Кошаркарската федерација Томe Главчев добро е запознат со моменталната ситуација во македонската кошарка и покрај тоа што е само 45 дена на функцијата.

Тој е пресреќен што Илиевски прифати да биде селектор како наследник на Александар Јончевски, со кого претходно со голем успех соработуваше во Блокотехна.

„Би сакал да му се заблагодарам на претходниот селектор и неговиот стручен штаб за нивниот ангажман во претходните две години. Нивниот договор беше истечен, ние во претходните две недели имавме низа разговори со други стручњаци, но со нив не успеавме да најдеме заеднички јазик. Затоа, би сакал да му се заблагодарам на Марјан Илиевски и на неговите помошници за подадената рака.

Не би сакал многу да зборувам за Илиевски, тој е познато име во македонската кошарка со забележителни резултати. Горди сме што прифати да влеземе во еден проект, наречен решавање на проблемите во македонската кошарка.

Нашата репрезентација во моментов е на 30. на ранг листата на ФИБА Европа. Периодот кога бевме околу десеттото место е далечен и можеме да забележиме дека од година во година котираме се полошо. Сакам да бидам реален оптимист дека овие проблеми ќе ги надминеме брзо. Очекувањата треба да бидат реални и да се соочиме со моментот кој го живееме. Се надевам дека тоа со Илиевски и со поддршка од медиумите ќе го надминеме лошиот период. Ќе ни треба малку повеќе време за сите планови да го имплементираме“, рече Главчев.

Во исто време, тој се осврна и на ситуацијата која ја затекна во Кошаркарската федерација при преземањето на функцијата.

„Во оваа прилика сакам да кажам уште нешто што е многу важно за кошаркарските репрезентацијата. Кога дојдовме во Федерацијата, затекнавме ситуација во која беа истечени договорите на девет селектори на младински репрезентации и пред истек на договорот на селекторот на националниот тим.

Тоа е несериозно однесување бидејќи ние буквално зависиме од младите кошаркари. Ние буквално молиме кој да игра за репрезентацијата, а не обрнуваме внимание на младите играчи. Апелирам, на сите треба врвен приоритет да им биде А-репрезентацијата. Сериозна обврска е исправена пред нас, бараме поддршка од сите, ќе бидеме транспаренти, ама сигурен сум дека нема да биде полошо од ова“- додаде претседателот Главчев на средбата со медиумите.